„Мајкрософт“ развил нов систем со вештачка интелигенција (ВИ) што не поставува дијагноза само врз основа на сите податоци добиени одеднаш, туку работи чекор по чекор – слично како лекар. Системот прво одлучува што треба да го праша пациентот, потоа кои прегледи и тестови се потребни, ги анализира резултатите и постепено ја менува работната дијагноза, пишува „Ројтерс“.
Во тестирање со повеќе од 300 невообичаени и сложени медицински случаи, ВИ-системот бил повеќе од двојно попрецизен од општи лекари кои при решавањето на случаите можеле да користат учебници и интернет. Истражувачите велат дека алатката била подобра и во сценарија земени од голема база на приеми во ургентни центри.
Разликата е во начинот на кој системот доаѓа до одговорот. Наместо веднаш да ги анализира сите симптоми, лабораториски резултати и снимки, таканаречениот „оркестратор“ координира повеќе симулирани клинички експерти и одлучува кој треба да биде следниот чекор. Потоа, според новите информации, повторно ја проценува дијагнозата и решава дали се потребни дополнителни тестови.
Истражувачите утврдиле и дека дијагностичкиот процес предложен од ВИ бил поевтин од оној што го избирале лекарите во истите тестови. Доминик Кинг, потпретседател во здравствениот оддел на „Мајкрософт АИ“, нагласува дека класичните тестови на медицинска ВИ често се сведуваат на прашања со повеќе понудени одговори, што многу малку наликува на реален разговор со пациент.
Следниот чекор ќе биде тестирање во реална болничка средина. „Мајкрософт“ ќе соработува со „Бет Израел Диконес медикал сентер“ во Бостон за да се испита дали алатката може да помогне при тријажа на пациенти што чекаат во ургентен центар.
Сепак, резултатите не значат дека ВИ е подготвена да ги замени лекарите. Станува збор за истражувачка алатка што допрва треба да се проверува во реалната клиничка работа, а самите истражувачи нагласуваат дека вистинската медицина е многу покомплексна од тестирањето случаи во контролирани услови.































