Македонија и Балканот денеска се сеќаваат на Тоше Проески, кој пред 19 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Во негова чест и годинава се одржува традиционалниот ултрамаратон од Нова Градишка до Крушево. Тринаесетмина маратонци тргнаа од Хрватска, а уште еден учесник ќе им се придружи во Македонија.
Во Хрватска тие ќе истрчаат речиси 200 километри. Низ Србија ќе поминат со возила, во согласност со тамошните прописи, а од македонската граница до Крушево ќе истрчаат уште околу 220 километри.
Деветнаесеттиот ултрамаратон почна пред спомен-обележјето на Тоше во Нова Градишка, а пристигнувањето во Крушево е предвидено за денеска напладне, објави Македонската радио-телевизија. Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше, на Гумење, каде што традиционално ќе бидат пречекани со црвени рози.
Тоше загина во 2007 година, токму кога одбележуваше една деценија успешна музичка кариера и беше на прагот на поширок меѓународен пробив. Албумот на англиски јазик „The Hardest Thing“, кој го подготвуваше во тој период, беше објавен постхумно.
Тодор Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп. Својот музички талент го покажа уште како петтоодделенец, кога во 1992 година настапи на детскиот фестивал „Златно славејче“ со песната „Јас и мојот дедо“, испеана на влашки јазик.
Професионалната кариера ја почна во 1997 година со победата на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде што ја изведе песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапи на „Макфест“ со „Пушти ме“, по што следуваа настапи на најзначајните фестивали во земјата и во регионот, се наведува во биографијата објавена од Спомен-куќата на Тоше Проески.
Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул, а истата година беше прогласен и за национален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ.
Во текот на кариерата објави седум студиски албуми, од кои дел добија и изданија на српски и хрватски јазик. Последниот, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред несреќата.
Својот последен концерт Тоше го одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше хуманитарен, а собраните средства беа наменети за подобрување на условите во образованието во Македонија.
Деветнаесет години подоцна, неговите песни, хуманоста и непосредноста остануваат дел од колективната меморија, а патот што маратонците секоја година го минуваат од Нова Градишка до Крушево продолжува да го чува споменот на Тоше.
































