Папата Лав XIV најави дека во наредните денови ќе биде подложен на операција, откако при лекарски преглед му бил откриен јазол на белите дробови, пренесе „Би-би-си“.
Како што пренесува медиумот, 71-годишниот поглавар на Католичката црква за време на неделната молитва Ангелус на плоштадот „Свети Петар“ во Рим изјавил дека лекарите откриле „ран и добро локализиран јазол“ на неговите бели дробови.
– Лекарите сметаат дека е правилно да се интервенира и јас се согласив на операцијата – рекол папата, додавајќи дека промената е „добро ограничена“ и откриена „во рана фаза“.
Според „Би-би-си“, операцијата е планирана за првите денови од следната недела, а портпаролот на Прес-службата на Светата Столица, Матео Бруни, изјавил дека се очекува папата да се опоравува околу една недела.
Интервенцијата ќе биде извршена во болницата „Џемели“ во Рим, каде што постои специјално опремена папска соба која се користи уште од обидот за атентат врз папата Јован Павле Втори во 1981 година.
Веста за здравствената состојба на папата предизвика реакции и пораки за поддршка од светски лидери. Италијанската премиерка Џорџа Мелони му изрази „лична солидарност“ во пресрет на операцијата, додека претседателот Серџо Матарела му посака брзо и целосно закрепнување. Поддршка упати и израелскиот претседател Исак Херцог.
Лав XIV, чие световно име е Роберт Френсис Превост, е 267. папа и прв американски државјанин кој застана на чело на Католичката црква. Тој беше избран за папа по смртта на папата Франциск, кој исто така имаше здравствени проблеми поврзани со белите дробови.
И покрај најавената операција, папата потврди дека неговата посета на Уругвај, Аргентина и Перу во ноември останува во план.
Според медиумот, јазолот на белите дробови претставува мала промена во ткивото која најчесто се открива со рендген или компјутерска томографија. Во најголем број случаи ваквите јазли не предизвикуваат симптоми.
































