Снежната бура Тилемахос што ја зафати Грција донесе затворени училишта, градинки, судови, проблеми на улиците во грчкиот главен град и во јавниот превоз, а затворен беше и дел од автопатот Атина – Ламија во двата правци, јави дописничката на МИА од Атина.
Освен во голем дел од Грција, особено на северот, во текот на ноќта, снег падна и во Атина. Иако мала, снежната покривка донесе низа проблеми во грчкиот главен град.
Во 46 од 66 општини во периферијата Атика, училиштата вчера беа затворени.
Градоначалниците одлуката ја донесоа по најавите дека и во Атина се очекуваат врнежи од снег. Во општината Атина затворени се сите училишта и градинките, а слична е ситуацијата и во други делови на Грција.
По договор и со согласност на дирекциите на судските служби и на атинската адвокатска комора, Министерството за правда на Грција донесе одлука, поради лошото време, судовите да бидат затворени.
Со одлука на полицијата, четири часа за сите возила беше затворен дел од автопатот Атина – Ламија во двата правци, додека, пак, сообраќајот се одвива отежнато на голем дел од регионалните патишта во северна Грција.
Во Атина, проблеми има и во јавниот превоз, а неколку атински населби утрово беа без електрична енергија.
Од противпожарната служба на Грција рано утрово соопштија дека во изминатите 24 часа поради лошите временски услови по добиените повици интервенирале во различни случаи.
Шест лица од Атина, Евија и островите Скопелос и Андрос биле пренесени во болница, во два случаја пожарникарите помогнале во пренос на лекови и медицинска опрема, а вкупно 21 лице биле спасени и префрлени на безбедни места.
Според грчката национална опсерваторија, рекордно најниска температура, од минус 21 степен, била регистрирана во селото Нерокопи во близината на Драма.
Од областа Атика соопштија дека во речиси сите атински населби се отворени простории за згрижување на ранливите групи граѓани, каде што можат да се заштитат од студот и невремето.