Јавното обвинителство доцна попладнево доставило до Основниот кривичен суд Скопје предлог за определување нови мерки за обезбедување присуство против првообвинетиот во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов.
Од Кривичниот суд соопштија дека Јованов и натаму се наоѓа во притвор, а по предлогот на Обвинителството ќе се постапува во текот на утрешниот ден.
– Доцна попладнево до Судот од Обвинителството е доставен предлог за определување нови мерки за обезбедување присуство против Дејан Јованов, кој веќе е во притвор за предметот поврзан со пожарот во Кочани. По истиот ќе се постапува во текот на утрешниот ден, за што ќе бидете дополнително известени – соопштија од Судот.
На Јованов, сопственик на дискотеката „Пулс“, притворот му истекува на 3 октомври, согласно законскиот максимум од една година од оценката на обвинението.
Одбраната претходно најави дека ќе предложи гаранција во имот како алтернатива на притворот, со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на судската постапка.
Адвокатката Ивана Коцевска во средината на септември изјави дека одбраната ќе поднесе предлог за гаранција, имајќи предвид дека едногодишниот притвор истекува по сила на закон.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, продолжува во доказна постапка. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
































