Напорите за ставање под контрола на епидемијата на ебола во источниот дел на Демократска Република Конго почнуваат да даваат резултати, но епидемијата и натаму е сериозна и ќе бидат потребни уште месеци за целосно да се стави под контрола, предупредија денеска претставници на Обединетите нации.
– Сè уште станува збор за смртоносна и огромна епидемија. Има области каде што гледаме напредок, но во други делови бројот на случаи и натаму расте – изјави специјалниот координатор на ОН за ебола, Жулиен Харнис, на прес-конференција во Женева.
Неговата изјава следува откако конгоанските власти објавија дека бројот на нови случаи почнува да се намалува. Дневниот број на новозаразени, кој во средината на август достигнувал околу 120, сега е околу 80. Во дел од погодените здравствени зони, исто така, нема нови случаи повеќе од три недели, пренесе „Ројтерс“ .
Сепак, Светската здравствена организација предупредува дека е прерано со сигурност да се заклучи оти епидемијата го достигнала својот пик.
– Прерано е со сигурност да кажеме дека сме го поминале врвот – изјави Оливие Ле Пулен од СЗО, додавајќи дека ќе бидат потребни „многу месеци“ за целосно ставање на епидемијата под контрола и дека ќе биде потребна значителна меѓународна поддршка.
Според најновите податоци на конгоанските здравствени власти, во седум провинции досега се регистрирани 7.258 потврдени случаи на ебола и 3.510 смртни случаи.
Особена загриженост предизвикува состојбата во провинцијата Северно Киву, каде што бројот на случаи и натаму расте, особено во градот Бутембо. Сложената безбедносна ситуација, големата густина на населението и честото движење на населението дополнително ја отежнуваат борбата против вирусот, пишува „Ројтерс“.
Епидемијата, која започна во мај, досега се прошири во седум провинции, вклучително и Суд-Убанги во западниот дел на земјата. Станува збор за епидемија предизвикана од поретката варијанта Бундибуџо на вирусот ебола.
И покрај охрабрувачките показатели во дел од погодените области, здравствените власти и меѓународните организации повикуваат на продолжување на мерките за превенција и надзор, бидејќи искуството покажува дека епидемиите може повторно да се забрзаат по период на привидно подобрување.































