Фото: Министерство за економија и труд

Делегација предводена од заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, престојува во неколкудневна работна посета на Словенија.

Во рамките на посетата се предвидени средби со високи претставници на повеќе словенечки институции. Разговорите ќе бидат посветени на законската рамка, институционалните практики и примената на правото на Европската Унија во областите на трудот, миграцијата и трудовата мобилност.

Делегацијата ќе ги посети Министерството за економија, труд и спорт, Агенцијата за вработување на Словенија, Министерството за внатрешни и јавни работи и Канцеларијата за поддршка и интеграција на мигрантите. На средбите ќе бидат претставени словенечките искуства во примената на европското законодавство и во практичното спроведување на политиките од овие области.

Целта на студиската посета е размена на искуства што треба да придонесат за унапредување на политиките и институционалната рамка во областа на трудот и трудовата мобилност, во согласност со европските стандарди.

Посетата е организирана од Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во рамките на проектите „Искористување на потенцијалот на дијаспората за напредување во пристапувањето кон Европската Унија и мобилноста на работната сила во Западен Балкан“ и „Регионална програма за управување со миграцијата (РМГП) – фокус на Западен Балкан и Република Турција“.