Сојузот на просветните работници на Македонија, на седницата одржана минатиот четврток ја донесе одлуката за доделување на признанието „Просветен работник на годината за учебната 2025/2026“ врз основа на распишаниот конкурс во јуни годинава.
Од предучилишното воспитание, наградена е воспитувачката Климентина Петрушевска од градинката „Весели цветови“ во Општина Кисела Вода, Скопје. Од одделенската настава во основно образование се наградени одделенските наставнички Соња Трифуновска од ООУ „Гоце Делчев“-Тетово, Виолета Поповска од ООУ „Вера Јоциќ“-Скопје, Габриела Мерџаноска од ООУ „Гоце Делчев“-Гостивар, Ксенија Николова од ООУ „Гоце Делчев“-Босилово и Весна Тодоровска Унковска од ООУ „Партение Зографски“, Кисела Вода, Скопје.
Од предметната настава се наградени Томе Китановски од ООУ „Гоце Делчев“, Василево, Струмица, Бојанка Џипунова Ташова од ООУ „Васил Главинов“-Велес, Вера Зороска од ООУ „Христо Узунов“-Охрид и Оливера Шиклеска Грозданова од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“-Битола и Благица Чатлеска од ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп.
Во категоријата средни училишта, наградата „Просветен работник на годината“ му припадна на професорот Никола Делевски од Регионалниот центар за стручно образование „Никола Карев“ од Струмица.
Признанието постхумно ќе му биде доделено на професорот Слаѓан Станковиќ Битрак од СОУ „Наце Буѓони“-Куманово.
Признанијата ќе им бидат свечено врачени на избраните просветни работници на посебен настан по повод Денот на учителот.
„Колибри“ им честита на сите наградени, а на читателите им најавуваме претставување на избраните учесници во рамките на нашиот прилог. Ф.Д.