Фото: Маја јаневска Илиева

Градежните вештаци од Градежниот факултет при УКИМ, кои го изработиле градежното вештачење на Обвинителството за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска одговараа на прашања на обвинителите за градежните зафати, вградените материјали и исполнувањето на минимално-техничките услови за објектот.

Судскиот вештак и професор на Градежниот факултет, Горан Марковски, кој во периодот на изработката на вештачењето бил декан на факултетот, посочи три надворешни елементи кои, според него, директно укажуваат на пренамена на објектот – надворешните скали, натстрешникот над нив и информативната табла над влезот во клубот.

 – Тоа е елемент што според Законот за градењето и правилникот е елемент за кој е потребно одобрение од Општината за негово поставување. Имајќи го ова предвид, секој што имал надлежност требало да реагира и само врз основа на овие надворешни елементи – изјави Марковски.

На прашањето дали останува на заклучокот дека градежните зафати изведени во 2012 година претставуваат реконструкција, Марковски одговори потврдно.

 – И 2012 и процесот продолжува 2024 година бидејќи нема правна завршница на она што е почнато 2012, а има и други зафати што се правени – рече тој.

Според вештакот, во реконструкција спаѓаат и поставувањето и отстранувањето на галериите, бидејќи со таквите активности се влијае врз основните барања на градбата.

Во однос на материјалите вградени во објектот, Марковски посочи дека полиетиленскиот сунѓер не ги исполнувал барањата за заштита од пожар.

 – Во правилникот за заштита од пожари стои дека во случај кога се користат спуштени тавани, не смеат да се користат материјали што имаат праг на горење помал од 30 минути. Полиетиленскиот сунѓер, за жал, тоа не го исполнува – рече Марковски.

Тој објасни дека инвеститорот не се очекува да ги знае сите технички детали за градбата, но е должен да ангажира стручни лица кои ќе изработат проект и ќе определат соодветни материјали. Проектите, како што посочи, подлежат на законска ревизија, а документацијата за материјалите се проверува и во Дирекцијата за заштита и спасување.

Марковски додаде дека од фотодокументацијата се гледа оти објектот имал прописни струјомери, поради што вештаците сметаат дека бил поврзан со електричната мрежа согласно важечките прописи.

На почетокот на денешното рочиште, дел од одбраната побара расправата да биде одложена или да не биде сослушана вештото лице Викторија Димовска, најавувајќи дека во рок од три дена писмено ќе поднесат барање за нејзино изземање. Судот донесе решение да го прекине распитот на Димовска, по што обвинителите продолжија со дополнителни директни прашања до другите вешти лица.

На паузата од рочиштето, родителите на децата кои ги загубија животите во пожарот реагираа дека „одеднаш баналните детали станаа поважни од суштината“.

 – Пред да прашувате за лиценцата, одговорете на основното – како воопшто било дозволено тој објект 13 години да функционира како дискотека во салон за теписи? Токму тука почнува прашањето за институционалната одговорност – кој имал законска должност да постапи, што бил должен да направи, што направил или не направил и дали тие пропусти придонеле за условите во кои се случи трагедијата – изјави Александар Наунов.

Во врска со истекот на притворот на првообвинетиот Дејан Јованов на 3 октомври, Наунов рече дека родителите имаат доверба во Обвинителството и судот.

„Не смееме постапката да ја одолжиме. Уште еднаш ќе кажам дека имаме доверба во Обвинителството и во судот и мислам дека нашите деца заслужуваат правдата да излезе на виделина“, рече Наунов.

Случајот се наоѓа во доказна постапка пред судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Со изведувањето на градежното вештачење и распитот на вештите лица од Градежниот факултет при УКИМ заврши доказната постапка на Обвинителството, по што следува изведување на доказите на одбраната.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.