Фото: Пиксабеј

Цените на двата главни референтни вида нафта денеска значително пораснаа и надминаа 100 долари за барел на почетокот на тргувањето во Азија, по новите напади врз енергетската инфраструктура и бродовите на Блискиот Исток.

Северноморската нафта „брент“, референтна за европскиот пазар, за испорака во ноември поскапе за 2,80 проценти, односно за 2,93 долари, и достигна цена од 107,54 долари за барел.

Американската лесна сурова нафта ВТИ (WTI), за испорака во октомври, поскапе за 2,88 долари, или за околу 2,9 проценти, на 102,93 долари за барел.

Новиот раст следува по нападот со беспилотни летала врз саудискиот нафтовод Исток–Запад, поради кој Саудиска Арабија привремено го запре неговото работење. Нападот, според властите во Ријад и Багдад, бил извршен со дронови лансирани од територијата на Ирак.

Нафтоводот, долг околу 1.200 километри, ја поврзува источна Саудиска Арабија со пристаништето Јанбу на Црвеното Море. Тој во изминатиот период пренесувал меѓу четири и пет милиони барели нафта дневно и претставува главна рута преку која Саудиска Арабија го заобиколува Ормускиот Теснец.

Загриженоста на пазарите дополнително се зголеми по новите напади врз бродови во Персискиот Залив. Британската агенција за поморска безбедност соопшти дека брод што минувал низ Ормускиот Теснец бил погоден со проектил, по што избувнал пожар, а екипажот бил евакуиран.

Иран, од своја страна, соопшти дека едно лице загинало, а четворица членови на екипажот биле повредени во напад врз ирански трговски брод во близина на неговиот брег.

„Брент“ минатата среда првпат од јули ја надмина границата од 100 долари за барел, а во текот на изминатата недела поскапе за повеќе од осум проценти.

Засега не е познато колку долго ќе остане затворен саудискиот нафтовод. Продолжен прекин на неговото работење би можел да загрози количество што одговара на околу четири проценти од глобалното снабдување со нафта и дополнително да ги зголеми цените на енергенсите.