Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денот на независноста е еден од најзначајните датуми во историјата на нашата земја, а 35 години самостојна држава се доволни за да сфатиме дека државноста не се создава со еден политички акт, референдум или со самото прогласување независност. Таа се гради секојдневно – преку функционални институции, еднакви права за сите, одговорност, работа, образование, економски развој и, пред сè, преку граѓани кои веруваат дека нивната лична иднина е поврзана со иднината на државата, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Гаши посочува дека 35-годишнината треба да се одбележи со верба и оптимизам, согледувајќи го досега постигнатото, но и обврските што претстојат.

-Република Северна Македонија е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност. Оваа разновидност не треба да биде извор на поделби, туку наша заедничка сила – наведува тој, нагласувајќи дека темелите на државата треба да бидат еднаквоста и чувството дека секој граѓанин има рамноправно место во општеството.

Според Гаши, заедничка должност е изградбата на држава во која институциите им служат на граѓаните, законите се применуваат еднакво за сите, корупцијата не се толерира, а европската перспектива претставува заедничка цел.

Во честитката тој изразува желба Македонија да биде држава во која никој нема да се чувствува како странец, разликите ќе се претвораат во можност за успех, а институциите ќе бидат посилни од тесните интереси.

Посебно место во неговата порака имаат младите и нивната иднина.

-Секој млад човек може со убедување да каже: „Тука е моето место и тука ја гледам мојата иднина“ – порачува Гаши.

Тој повикува со верба во граѓаните, одговорност кон државата и заедничка работа да се продолжи со изградбата на државата што ќе им биде оставена на идните генерации.

-Честит 8 Септември – 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија! – порача претседателот на Собранието.