Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посетата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Општина Берово упати честитки по повод големиот христијански празник, испраќајќи пораки за обединување.
– Ќе ми дозволите најпрвин да го честитам големиот христијански православен празник на сите верници коишто денеска го слават, на православните христијани, а на сите граѓани да им посакам здравје, среќа и успех за нив и нивните семејства. Исто така би сакал на рударите, бидејќи ова е нивен ден, да им посакам среќно кога влегуваат во рударските окна и да посакам нормално безбедна работа, работа којашто ќе значи подобра иднина за граѓаните и за Македонија – рече Мицкоски од Берово.
Истакна дека како претседател на Владата, овој ден сака да го одбележи со испраќање обединувачки пораки.
-Традиционално денеска сме овде во Берово заедно со моите соработници, со граѓаните во Берово, а гледам и дека има во суштина граѓани од цела Македонија, така што секогаш е задоволство да се биде на овој ден токму тука и да се одбележи овој ден со една, би рекол, порака којашто е обединувачка, којашто значи обединување — всушност тоа е и мојата желба како претседател на Владата, истакна Мицкоски при посетата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Општина Берово, пренесува МИА.





































