- Вишеградските земји со години покажувале интерес и разбирање за Македонија како држава и општество, особено во однос на прашањата на суверенитетот, националниот идентитет, јазикот и културната посебност. Тоа создава политички капитал. Но политичкиот капитал има смисла само ако се претвори во економски капитал
За Македонија, Вишеградската група не треба да биде само група на четири пријателски држави. Таа може да биде економска врата кон Централна Европа. Полска може да биде пазар. Чешка може да биде индустриски партнер. Унгарија може да биде транспортна и логистичка врска. Словачка може да биде партнер во автомобилскиот и индустрискиот синџир. А сите заедно можат да бидат политички и економски мост кон поширокиот европски простор. Затоа Македонија треба да има посебна стратегија за економска соработка со Вишеградската група, а не само општа политика кон Европската Унија.
Политичката блискост може да стане економски капитал
Постои уште една димензија што не треба да се потцени. Вишеградските земји со години покажувале интерес и разбирање за Македонија како држава и општество, особено во однос на прашањата на суверенитетот, националниот идентитет, јазикот и културната посебност. Тоа создава политички капитал. Но политичкиот капитал има смисла само ако се претвори во економски капитал. Не е доволно политичарите да се сретнуваат. Треба да се сретнуваат компаниите. Не е доволно да постојат декларации. Треба да постојат договори. Не е доволно да зборуваме за пријателство. Треба да имаме заеднички инвестиции, извозни договори, технолошки партнерства и индустриски проекти.
Фокус кон конкретна „вишеградска економска стратегија“
Македонија премногу често ја води својата надворешноекономска политика реактивно. Чекаме странски инвеститор да дојде. Чекаме некоја компанија да побара доставувач. Чекаме европски проект да биде објавен. Чекаме некој да ни понуди пазар. Но Германија не го гради својот извоз така. Германските компании ги следат пазарите, инвестициите и идната побарувачка. Македонија мора да почне да го прави истото – само со сопствени можности. Потребна е долгорочна, да речеме стратегија „Централна Европа 2035“, со конкретни цели за Полска, Чешка, Унгарија и Словачка. Не дипломатска стратегија. Извозна стратегија.
Што би значело тоа во практика?
Прво, државата и стопанските комори треба да направат детална мапа на индустриите во Вишеградската група што најбрзо растат.
Второ, за секој од тие сектори треба да се идентификуваат македонски компании што можат да станат доставувачи.
Трето, македонските компании треба организирано да се носат пред купувачите – не само на саеми туку директно во индустриските центри на Полска, Чешка, Унгарија и на Словачка.
Четврто, треба да се создадат финансиски инструменти за извоз и гаранции за настап на овие пазари.
Петто, Македонија треба да ги користи европските програми не само за инфраструктура туку за индустриско поврзување.
И шесто, македонската дипломатија треба да добие многу поизразена економска функција.
Амбасадата не треба само да известува што се случува во една земја. Таа треба да знае која фабрика бара доставувач, кој инвеститор бара локација и кој сектор ќе расте следните пет години.
Македонија може да стане „малата алка“ во големиот синџир
Најголемата заблуда е дека малата земја нема што да бара во големите европски економски синџири. Напротив. Современата индустрија е составена од илјадници алки. Не мора Македонија да произведува автомобил за да заработи од автомобилската индустрија. Може да произведува дел. Не мора да произведува цела машина. Може да произведува прецизна компонента. Не мора да создаде глобална ИТ-компанија. Може да биде деловен партнер на голема европска компанија. Токму така функционира Централна Европа. И токму тоа е моделот што Македонија треба да го проучува.
Кога Германија може да го „открие“ центарот на Европа, може и Македонија
Има една голема иронична лекција во германската приказна. Германија е економски гигант, со огромен индустриски капацитет, глобални компании и пристап до најголемите светски пазари. Па сепак, кога Кина и САД стануваат понеизвесни, таа повторно го гледа своето соседство како извор на раст. Македонија нема ни приближно таква економска сила. Но токму затоа има уште поголема причина да го прави истото тоа. Ако за Германија, Централна Европа е стратешки пазар, за Македонија тој може да биде стратешка можност за економски пробив. И ако Берлин може да заклучи дека Полска, Чешка, Унгарија и Словачка се премногу важни за да бидат само соседни пазари, тогаш Скопје би требало да заклучи дека овие земји се премногу важни за Македонија да ги третира само како пријателски држави.
Од политичко пријателство кон економско сојузништво
Македонија со земјите од Вишеградската група има простор за нешто што Европа сè повеќе ќе го бара: партнерства засновани врз доверба, блискост и конкретен економски интерес. Тие односи треба да се продлабочат во образованието, културата, науката и политиката. Но пред сè – во економијата. Повеќе македонски производи во Полска. Повеќе полски инвестиции во Македонија. Повеќе македонски компоненти во чешките и словачките производни синџири. Повеќе унгарски компании во македонските инфраструктурни и енергетски проекти. Поголем заеднички настап на трети пазари. Тоа би било вистинското стратешко партнерство.
Земјите што први ќе се позиционираат ќе имаат предност
Кина, САД и земјите од Блискиот Исток веќе „ја освојуваат“ Централна Азија. Централна Европа станува сè поважна за Германија. Европските синџири на снабдување се преуредуваат. Во таков момент земјите што први ќе се позиционираат ќе имаат предност. Македонија не смее повторно да биде само гледач. Потребна е државна стратегија, но и промена кај домашниот бизнис. Потребно е повеќе вложување во квалитет, сертификација, продуктивност, дигитализација и знаење на странските пазари. Најважно од сè, потребно е конечно да почнеме да размислуваме регионално.
Македонија не мора да биде голема за да биде важна
Една мала земја не може да ја промени европската економија. Но може да најде место во неа. И тоа место не се добива со големина, туку со корисност. Германија покажува дека силната економија има потреба од растечки соседни пазари. Вишеградската група покажува дека земјите од Централна Европа можат од периферни економии да се претворат во индустриски и потрошувачки центри. Македонија треба да ја извлече третата лекција: Не мора да биде голем пазар за да биде голем партнер!
Но за тоа мора да престане да ја гледа Централна Европа како далечен дел од Европската Унија и да почне да ја гледа како свој природен економски простор. Ако Германија во време на глобална несигурност го засилува економското свртување кон Исток, тогаш за Македонија тоа не треба да биде само интересна вест од германската статистика. Треба да биде стратешки сигнал.
Кога Германија може да го препознае потенцијалот на Централна Европа – зошто Македонија да не го препознае истиот потенцијал уште порано?
Време е политичкото пријателство со Вишеград да добие економска содржина.
И време е Македонија да почне да се прашува не само што Европа може да направи за неа туку што може таа да ѝ понуди на Европа. Д.П.
„Заедничките европски политики“ паднаа на испит пред предизвиците од национален интерес на земјите членки на ЕУ
Спорот за оданочувањето на електричната енергија откри длабок раскол во ЕУ
- Германија се спротивставува на обидот на Европската комисија преку правилата за електроенергетскиот пазар да воведе одредби што, според Берлин, суштински задираат во даночната политика на националните држави. Проблемот за Германија не е само во висината на данокот туку и во начинот на кој Брисел се обидува да стигне до него. Берлин смета дека „европската цел не може да биде оправдување за заобиколување на националните надлежности“!
Судирот меѓу Берлин и Брисел околу планот за пониско оданочување на електричната енергија од природниот гас на прв поглед изгледа како уште еден спор околу европската енергетска политика, но во суштина отвора многу посуштинско прашање за иднината на Европската Унија. Имено, Германија се спротивставува на обидот на Европската комисија преку правилата за електроенергетскиот пазар да воведе одредби што, според Берлин, суштински задираат во даночната политика на националните држави. Проблемот за Германија не е само во висината на данокот туку и во начинот на кој Брисел се обидува да стигне до него, преку правен механизам за кој е доволно квалификувано мнозинство, иако даночните прашања традиционално се предмет на едногласно одлучување.
Токму тука е суштината на спорот. Европската комисија сака побрзо да ги електрифицира индустријата, транспортот и енергетскиот сектор, но Берлин смета дека европската цел не може да биде оправдување за заобиколување на националните надлежности. Така, зад расправата за цената на електричната енергија повторно се појавува старата европска дилема: каде завршува заедничкиот интерес на Унијата, а каде започнува сувереното право на секоја држава сама да одлучува за прашања што ги смета за свои.
Кога националниот интерес е посилен од европскиот
Токму овој пример покажува колку е сложена реалноста зад сликата за единствена и усогласена Европска Унија. Од една страна, кога станува збор за заедничкиот пазар, европската безбедност или проширувањето, Брисел настапува со амбиција да зборува во име на целата Унија. Но, од друга страна, кога европските политики ќе се судрат со конкретни економски, политички или буџетски интереси, повторно на површина излегуваат националните приоритети. Германија не е против европската енергетска политика, туку против тоа Брисел да воспоставува правила во област во која Берлин смета дека последниот збор треба да го има националната држава.
– Сериозно се сомневам дека предлогот може да се усвои со квалификувано мнозинство. Тој е спротивен на барањето за едногласност во даночното право. Воведува значајни даночни одредби и директно се нарушува националниот даночен и буџетски суверенитет – се наведува во писмото потпишано од Бастијан Флајг, генерален директор во германското Министерство за финансии.
А токму оваа поделба меѓу европскиот и националниот интерес станува уште поважна во моментот кога Унијата се подготвува да разговара за идното проширување. Ако и најмоќните членки не се подготвени лесно да се откажат од дел од своите надлежности, тогаш се поставува прашањето како ќе изгледа Унијата со уште повеќе членки, уште повеќе национални интереси и уште повеќе различни политички приоритети. Тука останува да виси во воздух и дилемата дали ЕУ ќе се движи кон подлабока интеграција, во која заедничките европски одлуки ќе имаат сè поголема тежина, или кон модел во кој секоја држава сè погласно ќе го брани сопствениот суверенитет.

Суверенизмот се враќа на голема врата во Европа
Повеќе од очигледно е дека ако работите се посматраат низ една ваква призма, тогаш несомнено суверенизмот полека се враќа на голема врата во ЕУ. На хартија и во вербалната комуникација лидерите на најмоќните европски држави постојано истакнуваат дека ЕУ сака да стане поголема, но очигледно нејзините членки не се секогаш подготвени да дозволат таа да стане и подлабоко интегрирана.
Сега тоа го гледаме низ примерот на Германија, но не заостануваат ниту Франција, Полска, Италија, Холандија, кои првенствено ги поставуваат сопствените национални интереси секогаш кога тие ќе бидат под некаква закана.
По мигрантскиот бран во шпанската енклава Сеута во јули, кога десетици илјади луѓе влегоа од Мароко, Италија не само што побара ограничување на шенгенскиот режим за Шпанија туку привремено воведе селективни контроли за патниците што пристигнуваат од Шпанија, со образложение дека мора да ја заштити сопствената национална безбедност. Така, миграциската криза повторно покажа дека кога националните влади ќе почувствуваат дека се загрозени нивните безбедносни или политички интереси, заедничките европски правила многу брзо отстапуваат пред националната логика.
Парадоксално е кога Шенген е еден од највидливите симболи на европската интеграција, токму миграцијата да е една од темите на кои најлесно се враќаат внатрешните граници. Тоа отвора и поширока дилема за иднината на ЕУ: може ли Унијата да се проширува и продлабочува ако нејзините членки, во моменти на криза, повторно прво се свртуваат кон сопствените граници и сопствените национални интереси.
Од Грција до Бугарија: Македонскиот пат низ лавиринтот на националните интереси
Сето ова посматрано низ македонскиот евроинтегративен аспект го наметнува прашањето кон каква Европска Унија воопшто се движиме, во Унија што ќе биде посилно централизирана и ќе бара поголемо пренесување на националните надлежности или во Унија во која националните држави и понатаму ќе го задржуваат приматот во чувствителните области.
– Ако денес Германија му е спротивставува на Брисел во име на сопствениот суверенитет, утре истиот принцип може да го применува Франција или секоја друга членка и токму тоа може да биде една од најголемите дилеми пред идното проширување – сметаат некои од европските аналитичари, добро запознаени со процесот на проширување.
Според нив, од земјите кандидати се очекува да ги усогласуваат политиките со европските правила, да прифаќаат европски стандарди и да бидат подготвени за заедничко одлучување, но во исто време самите членки не се откажуваат од своите национални интереси.
– Впрочем, под превезот на одбрана на националните интереси Македонија е постојано блокирана во евроинтеграциите најпрво од Грција, потоа и од Бугарија. Ако сака да прими нови членки, ЕУ мора да ги реши институционалните проблеми. Но ако реформите значат помалку национално вето и повеќе одлуки со квалификувано мнозинство, тогаш некои од членките можат да почувствуваат дека губат суверенитет и да се спротивстават на тоа. А мнозинството членки не се подготвени да се откажат од ветото бидејќи тоа им е единствената алатка да се пазарат со помоќните држави во Унијата – заклучуваат некои од домашните аналитичари.
Сашо Таневски




































