Ovci
Фото: Пиксабеј

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека внимателно ја следи состојбата со појавата на сипаници кај овците и дека континуирано ги спроведува потребните заштитни и контролни мерки за спречување на ширењето на болеста.

Од АХВ информираат дека до Европската комисија и до Република Турција е доставено барање за донација на вакцини, додека експертската група редовно одржува состаноци и предлага соодветни мерки за справување со состојбата.

 – По добивањето на одговорот во врска со вакцинацијата, ќе се пристапи кон тестирање на безбедноста и чистотата на вакцината, по што ќе започне процесот на вакцинација – соопштија од Агенцијата.

Оттаму предупредуваат дека секоја вакцинација спроведена на трошок на сточарите и без одобрение од АХВ ќе биде санкционирана. Во такви случаи нема да се врши компензација за заболените животни, ниту ќе се исплаќа обештетување за одземените грла.

АХВ посочува дека информациите за појава на болеста ги добива преку ветеринарните друштва со кои има склучено договори за вршење активности од јавен интерес.

По пријавувањето на сомнителни случаи, се земаат примероци за лабораториско испитување. Доколку се потврди присуството на вирусот, директорот на АХВ донесува решение за спроведување заштитни мерки, кои вклучуваат евтаназија и безбедно отстранување на заразените животни.

Во меѓувреме, Сојузот на одгледувачи на овци повторно побара итна вакцинација и повисоки надоместоци за претрпените штети, предупредувајќи дека состојбата во секторот станува сè посериозна.