„Прес анд плеј“ на Ненад
- Промоцијата на „Прес анд плеј“ на „Нишвил“ не е само промоција на една книга туку и претставување на две децении македонска музичка креативност пред меѓународната публика – сведоштво за сцената што има што да каже, што да понуди и што да остави зад себе
Во рамките на годинашното издание на престижниот фестивал „Нишвил“, своја промоција имаше книгата „Прес анд плеј“ („Press and Play“) од истакнатиот македонски музички новинар и публицист Ненад Георгиевски.
Претставувањето на ова капитално издание пред фестивалската публика на „Нишвил“ е исклучителна можност македонската музичка сцена, нејзините автори и нејзините достигнувања да добијат дополнителна меѓународна видливост.
„Прес анд плеј“ е книга на англиски јазик составена од рецензии на албуми, концертни настапи и фестивалски изведби на македонски уметници, кои Георгиевски ги објавувал во реномираниот светски медиум „Ол абаут џез“ („All About Jazz“) во период од две децении.
Книгата е своевиден калеидоскоп од таленти, идеи, музички визии и дела што оставиле длабок белег врз македонската музичка култура и нејзиното присуство надвор од границите на земјата. Преку критичкиот и аналитички пристап на Георгиевски, публикацијата ги истражува амбициите и достигнувањата на домашните уметници – од нивната инспирација и оригиналност, до визуелните решенија и дизајнот, кои придонесуваат за нивната препознатливост на глобалната сцена.
Во „Прес анд плеј“ се опфатени критички осврти за делата и творештвото на Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Националниот џез-оркестар, Џон Апелгрен, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија саунд систем“, „Проект Жлуст“, Сашо Поповски и „Стринг форсис“, „Љубојна“, како и за значајни фестивали и македонски концертни настапи реализирани во земјата и странство.
Преку оваа селекција, „Прес анд плеј“ ја претставува македонската музичка сцена како уникатен спој на традиционални и современи елементи, истовремено нудејќи му на меѓународниот читател вреден и редок извор на информации за богатството, разновидноста и креативниот потенцијал на македонската музичка култура.
Изборот на „Нишвил“ како домаќин на промоцијата има особена симболика и тежина. Основан во 1995 година, фестивалот „Нишвил“ со текот на годините прерасна во вистински бастион на џез-културата во регионот и пошироко. Благодарение на својот квалитет, програмска разновидност и уникатна енергија, фестивалот е вброен меѓу десетте најдобри џез-фестивали во Европа според престижниот британски весник „Гардијан“.
Од своите почетоци до денес, „Нишвил“ функционира како мултижанровска платформа што ги поврзува светските музички ѕвезди со регионалните авангардни и иновативни уметници, создавајќи простор за размена на идеи и култури во уникатниот амбиент на историската Нишка тврдина.
Авторот Ненад Георгиевски, добитник на наградата за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2023 година, зад себе има долгогодишна посветеност на музичката публицистика и е автор на уште четири книги од оваа област – „Музика и муабети“, „Уште музика и муабети“ и „Ретки птици“.
Со „Прес анд плеј“, Георгиевски продолжува да ја гради својата мисија – македонските музички автори и креативци да добијат заслужено место во меѓународниот контекст. Фактот што книгата ќе биде претставена токму на „Нишвил“, пред публика од регионот и пошироко, претставува уште една потврда дека музиката, критиката и пишаниот збор можат да ги надминат границите и да го постават квалитетот во центарот на вниманието.
Затоа промоцијата на „Прес анд плеј“ на „Нишвил“ не е само промоција на една книга туку и претставување на две децении македонска музичка креативност пред меѓународната публика – сведоштво за сцената што има што да каже, што да понуди и што да остави зад себе.

































