Фото: Маја Јаневска-Илиева

Влијанието на воените конфликти врз финансиските пазари како повод

  • Во состојба кога светот е соочен со една голема неизвесност, со повеќе сериозни воени жаришта низ светот, како и со природни катастрофи од поголем размер предизвикани од климатските промени, логично се наменуваат прашањата какви се реакциите на македонските граѓани, дали овој период се забележуваат стагнација и смален интерес за купување акции на светски компании или, пак, напротив, има инвеститори што вложуваат и во текот на глобални кризни периоди. Домашните инвеститорски советници нагласуваат дека конфликтите поттикнуваат
    неизвесност, но нагласуваат дека долгорочните инвестиции не се под директно влијание на гореспоменатите настани

Светот и глобалната економија се исправени пред нов воен предизвик што силно ги погодува современите пазари, најмногу поради растот на цените на нафтата. Масовната примена на нафтените деривати во транспортот, но и во хемиската индустрија, земјоделството и градежништвото, предизвикува верижен и силен удар врз целата светска економија. Со почетокот на воениот конфликт меѓу Иран и САД, на светските берзи се забележуваат турбуленции, зависно од случувањата во Иран, на берзите има раст или пад на вредноста на акциите, но и раст на цените на нафтата, која деновиве по смирувањето на нападите во Иран се намали.
Во ваква состојба кога светот е соочен пред една голема неизвесност логично се наменуваат прашањата какви се реакциите на македонските граѓани, дали овој период се забележуваат стагнација и смален интерес за купување акции на светски компании или, пак, напротив, има инвеститори што вложуваат и во текот на глобални кризни периоди?

Експерти посочуваат дека конфликтите не влијаат врз долгорочните
инвестиции

Домашните инвеститорски советници нагласуваат дека конфликтите поттикнуваат неизвесност, но нагласуваат дека долгорочните инвестиции не се под директно влијание на вакви настани.
– Актуелните геополитички тензии, вклучително и конфликтите на Блискиот Исток, несомнено внесуваат зголемена неизвесност на финансиските пазари. Во вакви периоди најчесто се забележува повисока волатилност, односно поголеми дневни осцилации на цените на акциите, додека инвеститорите внимателно ги следат сите нови информации и ги проценуваат потенцијалните економски последици. Сепак, искуството покажува дека краткорочните геополитички настани ретко ги менуваат долгорочните инвестициски трендови. Иако во одредени денови може да има намален промет или повнимателен пристап кај дел од инвеститорите, не би рекол дека постои целосна стагнација – посочува Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник во „Капитал асет менаџмент“ за „Нова Македонија.
Костадиновски укажува дека како тенденција се забележуваат два типа инвеститори, и тоа инвеститори со сосема спротивставени ставови и преземени чекори.
– Напротив, има две различни групи инвеститори – едните привремено чекаат поголема стабилност, а другите токму ваквите корекции ги гледаат како можност за постепено инвестирање во квалитетни компании по поповолни цени. Кај нашите клиенти генерално не забележуваме панични реакции. Најголемиот дел имаат долгорочен пристап и се фокусираат на фундаменталната вредност на компаниите наместо на краткорочните пазарни движења – појаснува Костадиновски.

Дисциплинираните инвеститори остануваат доследни на својата стратегија

На нашето прашање какви се неговите очекувања за во иднина, колку е тешко сега да се прогнозира што може да се очекува во следниот период, нашиот соговорник појаснува дека прогнозирањето останува тешко поради повеќе фактори.
– Секако, неизвесноста останува висока. Освен геополитичките ризици, внимателно ги следиме инфлацијата, каматните стапки, цените на енергентите и корпоративните финансиски резултати. Поради тоа, прогнозирањето на краткорочните движења е исклучително тешко.
Ние, како професионални инвеститори, портфолио-менаџери, не ги носиме инвестициските одлуки под влијание на емоции или дневни настани, туку врз основа на јасна стратегија, диверзификација на портфолиото и долгорочни финансиски цели. Историјата покажува дека токму дисциплинираните инвеститори што остануваат доследни на својата стратегија најчесто постигнуваат подобри резултати на долг рок – прецизира Костадиновски.
Дел од упатените во темата посочуваат дека во ваков период многу е значајно да се диверзифицира портфолиото на клиентите. На тој начин најголем дел од инвеститорите се трудат да го надминат овој период на неизвесност.
Факт е дека геополитичките тензии и војните редовно ги потресуваат берзите и ги тестираат нервите на инвеститорите, но досегашните искуства покажуваат дека ваквите периоди биле и пресвртни точки, па дури и можност некој да создаде богатство.
Сепак, кога се појавуваат сигнали за криза, кога ќе се случи неочекуван настан што го потресува пазарот, еуфоријата се претвора во паника и води до драстичен пад на цените. Нешто слично се случува токму сега на глобалните берзи. Избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток се заканува да предизвика сериозни нарушувања во реалната економија, предизвикувајќи сериозно потресување на финансиските пазари.

Кризите се добра можност за ново вложување

Во последните десет години имавме четири кризи, трговската војна меѓу САД и Кина во 2018 година доведе до пад на пазарот од околу дваесет проценти, а закрепнувањето следуваше по пет месеци. Кризата со пандемијата на ковид-19 во 2020 година го намали индексот СиП 500 за 34 проценти во рекордно време, а закрепнувањето беше молскавично брзо – за само три месеци индексите беа над нивото пред кризата.
Војната во Украина и енергетската криза во 2022 година го потопија СиП за 25 проценти, а закрепнувањето следуваше по 10 месеци. Втората трговска војна на Трамп ескалираше во март минатата година, кога СиП 500 потона за речиси 20 проценти, а во јуни се врати на нивото пред кризата.
Во изминатите 25 години имаше и две кризи со долготрајни последици. На почетокот на 2000-тите се случи пукање на дот-ком балонот и колапс на илјадници технолошки компании. Во период од две години, „Насдак“ изгуби 75 проценти од својата вредност, а СиП 500 изгуби речиси 50 проценти. Закрепнувањето траеше речиси пет години, а брзо беше проследено со Големата финансиска криза од 2008 година, за време на која пазарите паднаа за повеќе од 50 проценти, а закрепнувањето траеше следните четири години.
Токму поради ова, се смета дека во исто време кризите се и можност за нови инвестиции или за купување акции по пониски цени. Ворен Бафет, еден од најуспешните инвеститори на сите времиња, го изгради своето богатство пркосејќи им на трендовите. Неговото главно мото е „купувајте кога другите продаваат и продавајте кога другите купуваат“. Акциите се најинтересни, вели Бафет, кога речиси никој не е заинтересиран за нив. Е.Р.