Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ – МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „СТРУГА 2026“

  • Во финалето во неизвесен финиш, Охрид со 31-30 го совлада Вардар, додека третото место го освои Прилеп

Ракометарите на Охрид се победници на 54. издание на Меѓународниот ракометен струшки турнир, кој го носи името „Вангел Баљукоски-Баљук“, откако во финалето на ракометното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ во неизвесен финиш со 31-30 го совладаа Вардар и со тоа го одбранија трофејот од лани. Филип Талески со девет гола беше најефикасен кај охриѓани, додека кај вардарци Абдалах Мохаб со осум погодоци.
Прилеп го освои третото место совладувајќи го домаќинот Струга со 30-28. Најпрецизен кај прилепчани беше Никола Шипинкоски со шест гола, додека Андреј Стојановски даде еден помалку. Кај Струга, Никола Јукиќ беше прв поентер со седум гола, додека Костадин Петров реализира шест.
Ракометарот на Охрид, Мартин Ивановски, беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на овој традиционален ракометен турнир, најдобар голман е Дино Славиќ од Охрид, а најдобар стрелец Никола Јукиќ од Струга со 22 гола.
На турнирот настапија шест клуба поделени во две групи. Во групата А беа актуелниот македонски првак Вардар, Бутел Скопје и Прилеп, додека во групата Б организаторот Струга, Охрид и Дубочица од Лесковац (Србија). Струшкиот турнир се игра од 1973 година и е најстар ракометен турнир во Македонија, а рекордери според бројот на освоени трофеи (по 14) се Вардар и Еурофарм Пелистер. Г.И.