Фото: Пиксабеј

Две жени родени во Индија и посвоени од различни холандски семејства откриле, речиси четири децении подоцна, дека се биолошки сестри. Необичната приказна ја објави Ројтерс (Reuters), откако ДНК-тест покажал целосно совпаѓање меѓу нив.

Мина Гелтинк и Минал Тијсен биле оставени како бебиња во сиропиталишта во Индија и по посвојувањето растеле во Холандија, на околу 130 километри една од друга. Ниту една не знаела дека има биолошка сестра.

Сепак, нивните патишта се вкрстиле уште во 1996 година, кога како тинејџерки се запознале на собир за посвоени деца. Веднаш почувствувале необична блискост, а пријателите забележале и колку личат една на друга. Си размениле адреси и во писмата на шега се нарекувале „сестри“, но подоцна го изгубиле контактот.

Дури оваа година, по ДНК-тест направен преку компанијата МајХеритиџ, стигнало изненадувањето. Резултатот покажал дека двете жени се сестри. Минал, која денес живее во Франција, првично не сфатила дека станува збор за истата девојка што ја запознала како тинејџерка. Тоа го разбрала дури откако ја пронашла на социјалните мрежи и ги видела нејзините фотографии.

Од откритието во април, сестрите повторно се зближиле и секојдневно разговараат и си пишуваат. При нивната емотивна средба во Холандија имало солзи, прегратки и смеа, а Мина признала дека со години чувствувала како нешто да ѝ недостига.

-Ние бевме пријателки пред да станеме сестри. Всушност, цело време сме биле сестри, само не сме знаеле – изјавила Минал за Ројтерс.