- Горди сме што играме во својата земја. Тоа е чест, но и голема одговорност. Ќе направиме сѐ што е во наша моќ да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло и да ја оправдаме довербата на сите што ќе бидат со нас, вели селекторот Дејан Стојановски
Македонија е подготвена за почетокот на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, за кошаркари до 16 години, кое од денеска до 15 август ќе се одржува во Гевгелија и во Скопје. Најдобрите млади европски селекции ќе се борат за пласман во елитната конкуренција.
– Работевме интензивно во текот на целиот подготвителен период. Немавме многу контролни натпревари, но затоа одработивме голем број квалитетни тренинзи и подготвителни мечеви. Ги избравме 12-те играчи што ќе дадат сѐ од себе достојно да ја претстават Македонија. Имаме 12 одлични карактери, 12 талентирани кошаркари што имаат потенцијал да напредуваат многу во иднина. Најважно е да продолжат да работат посветено и дисциплинирано. Горди сме што играме во својата земја. Тоа е чест, но и голема одговорност. Ќе направиме сѐ што е во наша моќ да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло и да ја оправдаме довербата на сите што ќе бидат со нас – вели селекторот Дејан Стојановски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Двете првопласирани селекции од секоја од четирите групи ќе обезбедат пласман во четврт-финалето, преку кој и ќе се бараат идните учесници на ЕП дивизија А.
Македонија во групата Б првиот меч ќе го игра денеска во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, против Кипар. Потоа следуваат мечевите утре со Исланд, в сабота со Хрватска, на 10 август со Швајцарија и следниот ден со Украина. Сите дуели Македонија ќе ги игра од 18.30 часот. Во зависност од пласманот во групата Б, во наредната фаза црвено-жолтите ќе ги чекаат ривалите за елиминацискиот дел.
Дуелите ќе се играат во спортската сала „НБ Ноел“ и „26април“ во Гевгелија, како и во СЦ „Т Арена“ во Скопје, пишува КФМ. Г.И.































