Фото: Пиксабеј

Непознати сторители провалиле во канцеларијата на директорот на ЈКП Сарај и украле пари од дневниот промет на претпријатието, соопшти Министерството за внатрешни работи, пренесе МИА.

Според пријавата, директорот И.Х. (41) вчера во Полициското одделение Сарај пријавил дека кражбата се случила во периодот од 31 јули во 16:30 часот до 4 август во 6.40 часот.

Како што информира МВР, со употреба на сила била отворена влезната врата од канцеларијата, која се наоѓа во зградата на Општина Сарај, по што од фиока на работното биро биле одземени пари од прометот на јавното комунално претпријатие.

Од МВР не ја соопштуваат висината на украдената сума, а увид е извршен и се преземаат мерки за откривање на сторителите и целосно расчистување на случајот.