Фото: Принтскрин

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго продолжува да се влошува, со речиси 4.000 потврдени случаи, додека генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, повторно пристигна во земјата за да ги поддржи напорите за справување со кризата.

Тедрос допатува во Киншаса, каде што ќе оствари средби со здравствените партнери и претседателот Феликс Чисекеди. Ова е негова втора посета откако епидемијата беше прогласена во средината на мај.

Според Министерството за здравство на Конго, заклучно со понеделникот се регистрирани 3.874 потврдени случаи, од кои 1.751 завршиле со смртен исход.

Надлежните предупредуваат дека оваа епидемија се шири побрзо од сите претходни во земјата и веќе е втора најголема регистрирана епидемија на ебола во светот, веднаш по онаа во Западна Африка од 2014 до 2016 година.

Актуелната епидемија е предизвикана од вирусот Бундибугио, за кој сè уште нема одобрена вакцина или специфичен третман. Локалните власти сметаат дека вирусот циркулирал во оддалечените делови на источен Конго уште пред официјално да биде откриен.

Дополнителен предизвик претставува фактот што голем дел од новите заразени не биле евидентирани како контакти на претходно потврдени случаи, што укажува на неконтролирано ширење на вирусот.

Најпогодена е покраината Итури, каде се регистрирани околу 90 проценти од сите случаи. Работата на здравствените тимови е дополнително отежната поради вооружените конфликти и ограничениот пристап до погодените подрачја, како и поради штрајкот на дел од здравствените работници.

Директорот на Африканските центри за контрола и превенција на болести, Жан Касеја, предупреди дека системот за следење на контактите не функционира доволно ефикасно, бидејќи 60 до 70 проценти од новите случаи се лица кои претходно не биле идентификувани како контакти на заразени.

Во последните 24 часа се пријавени 77 нови случаи, од кои 44 смртни случаи. Во моментов, 717 пациенти се во изолација, додека 749 лица закрепнале од болеста.