Почина Благоја Станоевски, поранешен македонски општествено-политички функционер и претседател на тогашниот Сојуз на младината на Македонија, во поранешна Југославија.
Станоевски беше дипломиран економист, а во текот на својата кариера извршуваше повеќе раководни функции во општествено-политичките организации на тогашна Социјалистичка Република Македонија при СФРЈ.
Во првата половина на седумдесеттите години беше претседател на Претседателството на Републичката конференција на Сојузот на социјалистичката младина на Македонија.
По ангажманот во младинската организација, Станоевски продолжува да извршува одговорни функции во тогашните општествено-политички структури. Беше и член на Претседателството на Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија.
Во осумдесеттите години беше ангажиран во Сојузот на синдикатите на Македонија.
Благоја Станоевски останува запаметен како дел од генерацијата македонски општествени дејци кои во втората половина на 20 век учествувале во работата на младинските, политичките и синдикалните организации во земјата. Со заминувањето на Станоевски, Македонија изгуби човек кој значаен дел од својот живот го посвети на јавната служба и на институциите.
Како претседател на младината на Македонија во времето на СФРЈ, тој припаѓаше на генерацијата која активно учествуваше во општествениот живот и во развојот на младинските политики. Подоцна, како директор на Царинската управа, беше дел од институциите што имаа важна улога во функционирањето на државниот систем, оставајќи белег со својата професионалност и посветеност.
Неговите соработници ќе го паметат како човек со чувство за одговорност, дисциплина и почит кон институциите, а пријателите како личност со достоинствен однос кон луѓето и животот.
Со почит и благодарност за неговиот придонес, упатуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите што имаа чест да соработуваат со него.
Нека му е вечна слава.

































