Американскиот потсекретар за одбрана Елбриџ Колби објави дека започнува ревизија на американското воено присуство во Европа
- Одлуката на САД да започнат темелна ревизија на своето воено присуство во Европа не претставува само административен или стратегиски потег туку историски пресврт во трансатлантските односи. Со ова Вашингтон испраќа јасна порака дека времето кога американската армија беше безусловен гарант на европската безбедност полека завршува. Наместо модел во кој САД ја носат главната тежина на колективната одбрана, се наметнува нов концепт во кој Европа мора сама да стане носител на сопствената безбедност. Тоа е најсериозната трансформација на НАТО од крајот на Студената војна и процес што ќе ја редефинира политичката, воената и економската рамнотежа на континентот
Објавата на американскиот потсекретар за одбрана Елбриџ Колби дека започнува ревизија на военото присуство во Европа е внимателно избрана формулација зад која се крие многу повеќе од обично преиспитување на распоредот на американските сили.
Америка повеќе не сака да биде единствениот безбедносен столб
Всушност, станува збор за процес што треба да утврди во каков обем САД ќе продолжат да ја гарантираат европската безбедност и колку од таа улога ќе им биде префрлена на европските сојузници. Пораката на американскиот потсекретар за одбрана Елбриџ Колби е недвосмислена. Имено, НАТО треба „брзо и неповратно“ да се трансформира во алијанса во која „Европа ќе ја преземе примарната одговорност за сопствената конвенционална одбрана“. Тоа е суштинска промена на филозофијата врз која Алијансата функционираше повеќе од седум децении.
Трамп ја форматира својата критика кон НАТО во официјална американска стратегија
Американскиот претседател Доналд Трамп уште во својот прв претседателски мандат инсистираше дека европските членки на НАТО премалку инвестираат во сопствената безбедност, потпирајќи се на американските воени и финансиски капацитети. Она што тогаш изгледаше како политички притисок, денес прераснува во официјална американска доктрина.
Министерот за одбрана Пит Хегсет не случајно најавува дека ревизијата ќе биде „вистински тест“ за европските сојузници, при што „некои држави ќе ја поминат успешно, а други ќе се соочат со последици“.
Таквата реторика покажува дека Вашингтон повеќе нема намера да ги толерира различните нивоа на вложување во колективната безбедност. Особено значајно е што американската администрација го поврзува идниот степен на воена ангажираност со конкретниот придонес на секоја членка во одбранбените трошоци и оперативните способности.
Европа ја чувствува специфичната тежина на новата реалност
Иако некои од европските влади веќе неколку години предупредуваат дека мора да се намали зависноста од американскиот безбедносен чадор (концептот на Макрон за европска стратегиска автономија), последните американски пораки покажуваат дека повеќе нема простор за одложување.
Изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Европа мора да биде способна сама да се грижи за својата безбедност претставува признание дека европските престолнини веќе се преструктурираат за новата ера во која милитантните доктрини на либералната идеологија на бриселските елити доаѓа до израз. Во дел од членките на Европската Унија се во тек интензивни инвестиции во воено-наменската индустрија, модернизација на вооружувањето, развој на сопствените воени капацитети и промена на концепцијата и воената доктрина од одбранбена во нешто сосема спротивно.
НАТО влегува во својата трета историска фаза
Најавите за таканаречениот „НАТО 3.0“ не се само симболика. Ако првата фаза на Алијансата беше насочена кон спротивставување на Советскиот Сојуз, а втората кон управување со постстуденовоените безбедносни кризи, новата фаза ќе биде обележана со постепено префрлање на тежиштето од Америка кон Европа. Тоа подразбира нова распределба на ресурсите, командните структури и политичката одговорност. Американските сили веројатно нема целосно да исчезнат од Европа, но нивното присуство ќе биде многу повеќе селективно, флексибилно и насочено кон специфични стратешки цели.
Вашингтон го пренасочува својот глобален фокус
Зад оваа ревизија стојат и пошироки геополитички причини. Американската стратешка заедница сè поотворено смета дека најголемиот предизвик за националната безбедност повеќе не се наоѓа во Европа туку во Индопацификот. Во такви околности, секој американски војник што останува трајно распореден во Европа претставува ресурс што не може да биде употребен во Азиско-пацифичкиот Регион. Затоа ревизијата на европското воено присуство е дел од пошироката стратегија за глобално прераспределување на американската воена моќ.
Последиците ќе бидат многу пошироки од воената сфера
Можното намалување на американското присуство нема да има само безбедносни последици. Тоа ќе влијае врз европските буџети, развојот на воената индустрија, политичките односи меѓу земјите членки, како и врз односите со Русија. Очигледно е дека европските држави веќе значително ги зголемуваат инвестициите во вооружување, логистика, противвоздушна одбрана, разузнавачки системи и модерни технологии. Тоа ќе значи повисоки јавни расходи и отворање нови политички дебати околу распределбата на државните финансии.
Во исто време, ќе расте и потребата од поголема координација меѓу Европската Унија и НАТО, бидејќи без таква синхронизација новиот модел тешко ќе биде одржлив. Но сѐ уште никому не му е јасно како ќе се одвива тоа. Затоа и помалите држави членки на Алијансата, кои се на опашката на НАТО, засега стрпливо и премолчено чекаат на тоа што ќе се случи во Брисел.
Европа пред најголемиот безбедносен испит по Студената војна
Американската ревизија на военото присуство не значи автоматско напуштање на Европа, но јасно покажува дека Вашингтон повеќе не е подготвен сам да ја носи тежината на европската безбедност. Тоа е сигнал дека започнува постепено преформатирање на трансатлантските односи, во кое одговорностите ќе бидат порамномерно распределени. Прашањето повеќе не е дали Европа ќе остане посамостоен безбедносен актер, туку дали ќе успее доволно успешно, ефикасно и интелигентно да се преструктурира не со милитаристичка формула и брзо- брзо да изгради капацитети што ќе ѝ овозможат да ја пополни празнината што постепено ја остава американското воено присуство. Напротив. Доколку имаше визионери и лидери Европа (ЕУ), како што нема, досега одамна ќе беше завршена војната во Украина, ќе протечеа енергенти низ цевководите исток- запад, ќе проработеа нуклеарните електроцентрали во Германија и ќе протечеше зелена енергија, а глобалните амбиции ќе се стеснеа на континентални во кои Европа локално, на Стариот Континент ќе се проширеше со Западен Балкан, па дури и со Украина. Токму од таквата визија, која, за жал, ја немаат актуелните бриселски елити, ќе зависи идната стабилност на европскиот континент и кредибилитетот на НАТО во новата геополитичка ера. Р.С.
РЕВИЗИЈАТА НА САД ЌЕ ГО СТАВИ ИСТОЧНОТО КРИЛО НА НАТО ПРЕД НАЈГОЛЕМИОТ ТЕСТ
Полска, Балтикот и Романија стравуваат од намалено американско присуство
Доколку американската ревизија резултира со намалување на военото присуство во Европа, најголемиот товар нема да го почувствуваат западните членки на НАТО, туку државите на неговото источно крило. Полска, балтичките земји и Романија со години ја темелат својата безбедносна стратегија врз силното американско воено присуство и уверувањето дека Вашингтон ќе биде првиот гарант на нивната одбрана во случај на криза.
За Полска, која последните години вложува рекордни средства во модернизација на армијата, американските воени бази се далеку повеќе од симбол на сојузништво. Тие претставуваат средство за одвраќање и сигнал дека секој потенцијален напад би значел директно вклучување на САД.
Слична е состојбата и во Естонија, Летонија и во Литванија. Балтичките држави, поради својата географска положба и ограничените воени капацитети, ја гледаат американската воена присутност како клучен фактор за регионалната стабилност. Затоа секоја најава за можно прегрупирање на американските сили предизвикува внимателни анализи во нивните политички и воени кругови.
Особено внимание привлекува Романија, која во последната деценија се етаблираше како една од најважните американски стратешки точки во регионот на Црно Море. Воените капацитети што ги користат САД и НАТО ѝ даваат клучна улога во безбедносната архитектура на Југоисточна Европа.
Во исто време, Романија влегува во период на силна политичка поларизација, во кој расте влијанието на политички кругови што застапуваат позиции поблиски до идеологијата на Доналд Трамп – со нагласен акцент на националниот суверенитет, ограничување на влијанието на Брисел и редефинирање на односите со западните партнери. Таквата политичка динамика може дополнително да ја усложни позицијата на Букурешт во момент кога НАТО очекува поголема европска одговорност.
Токму затоа Романија би можела да стане една од најинтересните точки на новата трансатлантска равенка. Доколку во Букурешт зајакнат политички сили што имаат поголемо разбирање за политиките на Трамп, не е исклучено земјата да настојува да изгради директни односи со Вашингтон, паралелно со своите обврски кон Европската Унија.
За НАТО тоа би претставувало нов предизвик. Наместо единствено источно крило, Алијансата би можела да се соочи со различни национални пристапи кон безбедноста, што би ја направило координацијата покомплексна.
Парадоксално, токму ревизијата што треба да ја направи Алијансата посилна може привремено да создаде чувство на неизвесност кај нејзините најизложени членки. Источното крило ќе остане првата линија на одбраната на НАТО, но сè повеќе ќе мора да се потпира на сопствените капацитети и на европската солидарност наместо исклучиво на американската воена моќ. Р.С.

































