ШАХ – „ПАРАДУБИЦЕ ОПЕН 2026“
- По девет кола тој освои 6,5 поени, играше со силина на шахист со 2.476 рејтинг-поени и освои и нови 8,5 рејтинг-поени, што е добар показател за неговата форма пред настапот на претстојната Шаховска олимпијада
Македонскиот интернационален мајстор (ИМ), член на ШК Алкалоид и државен репрезентативец, Емил Ристески, на шаховскиот велемајсторски А-опен турнир, кој се одржа во чешкиот град Парадубице, го подели осмото до 16. место, но според дополнителниот критериум е на одличното 13. место.
Ристески (2.408 рејтинг-поени, рангиран 21. пред турнирот) освои 6,5 поени, забележувајќи четири победи и пет ремија, без пораз, притоа ремизирајќи со ВМ од Индија, Шундар Сјам (2.478), и со прворангираниот, ВМ Антон Коробов (2.621) од Украина, а играше и со уште еден ИМ и тројца ФИДЕ-мајстори (ФМ).
Македонскиот репрезентативец играше со силина на шахист (т.н. рејтинг-перформанс) со 2.476 рејтинг-поени, а патем освои и нови 8,5 рејтинг-поени, што е добар показател за неговата форма пред настапот на претстојната Шаховска олимпијада (ШО), која во септември ќе се одржи во узбекистанскиот град Самарканд.
На турнирот во Чешка играа 221 шахист (17 ВМ, три ЖВМ, 24 ИМ, четири ЖИМ, 53 ФМ, 10 ЖФМ) од 31 држава. По одиграни вкупно 965 партии во кои шахистите со бели фигури славеле 341 пат, со црни 251, нерешено завршиле 359 партии, а 14 со т.н. контумација, првото место го освои ВМ од Германија, Ровен Вогел (2.499, рангиран шести), со 7,5 поени, колку што имаше и ФМ од Чешка, Јачим Смолик (2.373, рангиран 36-ти), но со послаб дополнителен критериум. Г.И.

































