Фото: Пиксабеј

Властите во Гватемала наредија превентивна евакуација на два града во близина на вулканот Фуего, кој влезе во поинтензивна фаза на ерупција. Вулканот исфрла густ облак од пепел, вулкански гасови, саѓи и карпести фрагменти, поради што е зголемена опасноста за населението, пренесе „Гардијан“.

Наредбата за евакуација се однесува на градовите Ел Порвенир и Лас Лахитас, во регионот Сан Хуан Алотонанго. Истовремено, властите прогласија портокалова тревога и го засилија мониторингот на вулканската активност.

Според надлежните служби, доколку ерупцијата дополнително се засили, лавата би можела да достигне подалечни области, а облаците од вулканска пепел да се прошират и до 100 километри западно и северозападно од вулканот.

Вулканот Фуего се наоѓа на околу 30 километри од главниот град Гватемала Сити и важи за еден од најактивните вулкани во Централна Америка.

При неговата катастрофална ерупција во 2018 година беше уништено цело село, а животот го загубија повеќе од 200 лица.