Фото: Архива „Нова Македонија“

Од уреднички агол

  • Македонската политичка сцена постојано се соочува со нови барања и нови концесии, кои речиси секогаш се поврзани со албанското прашање. Наместо процесот на интеграција постепено да се заокружува, впечатокот е дека тој никогаш не завршува, туку постојано произведува нови условувања. Токму затоа Законот за правична застапеност може да биде првиот чекор кон надминување на ваквиот модел, но само ако претставува преодна фаза кон нешто многу поважно – целосен мерит-систем. Тоа значи секое работно место во администрацијата да биде освоено преку знаење, образование, интегритет, професионално искуство и резултати. Етничката припадност не смее да биде билет за вработување, исто како што не смее да биде ниту пречка. Единствен критериум мора да биде компетентноста. Само таков систем ќе создаде ефикасна администрација, силни институции и држава што им служи на сите граѓани еднакво

    Повеќе од две децении по Охридскиот рамковен договор, време е без страв и без идеолошки догми да се постави едно суштинско прашање.
    Имено, дали механизмите создадени како мировно и привремено решение денес му служат на општеството или почнуваат да го поткопуваат?
    Охридскиот договор имаше историска улога. Тој беше постигнат во специфични политички и безбедносни околности, со цел да ја интегрира албанската заедница, особено преку нејзино поголемо учество во јавниот сектор. Во тој контекст, позитивната дискриминација беше разбирлива како ад хок механизам за надминување на длабоките поделби. Но ад хок решенијата станаа трајна архитектура на државата. Кога еден механизам, наместо да ги изедначува шансите, создава систем на трајни привилегии, тогаш тој престанува да биде инструмент на еднаквост и станува инструмент на неправда. Ако етничката припадност остане поважен критериум од знаењето, способноста и професионалноста, тогаш се испраќа опасна порака: не е најважно што знаеш, туку кој си!? Таквиот модел не создава силни институции. Тој создава администрација што често се шири по етнички клуч наместо според реалните потреби на државата. Наместо компетентност, се наградува припадноста. Наместо ефикасност, се произведува бирократија. Наместо јавен интерес, се создаваат административни паразити, каде што најголемата придобивка ја има поединецот што се вдомил во администрацијата благодарение на етничкиот баланс, а не граѓанинот што очекува квалитетна услуга. Државата од таквиот модел нема корист.
    Вториот сериозен проблем е тоа што наместо вистински мултикултурализам, албанските елити постепено ја туркаат Македонија кон бинационален модел.

Дали Македонија е подготвена да ја надмине логиката на етничките квоти?

Практично, речиси целата политичка дебата (и претходно околу балансерот) и правична застапеност се сведуваат на односите меѓу Македонците и Албанците. А каде се другите? Што е со Турците, Србите, Власите, Бошњаците и особено со Ромите, кои со години се меѓу најмаргинализираните заедници? Ако охридскиот модел навистина е создаден за еднаквост, тогаш зошто најранливите остануваат надвор од политичката равенка? Тоа е парадоксот на моделот што се претставува како мултиетнички.
Натаму, со претходново е поврзан уште поголем проблем. Тоа е што албанскиот кампус се амбицира да оди и чекор понатаму и не во насока на уставната унитарност на Македонија. Оттаму се третира дека Македонија сè повеќе функционира според логиката на консоцијална демократија, во која етничките елити преговараат за квоти, позиции и влијание наместо да се натпреваруваат со политики, идеи и резултати. Така, наместо интеграција, се добива институционализирана поделба. Во таков систем, етничките партии природно остануваат затворени во сопствениот национален корпус. Не е случајно што некои од албанските партии дури и своите имиња и амблеми ги дефинираат исклучиво на албански јазик, испраќајќи порака дека не се обраќаат до сите граѓани, туку само до една етничка заедница. Тоа не гради заеднички политички простор, туку дополнително ја продлабочува етничката сегментација.

Во меѓувреме, македонската политичка сцена постојано се соочува со нови барања и нови концесии, кои речиси секогаш се поврзани со албанското прашање. Наместо процесот на интеграција постепено да се заокружува, впечатокот е дека тој никогаш не завршува, туку постојано произведува нови условувања. Токму затоа Законот за правична застапеност може да биде првиот чекор кон надминување на ваквиот модел, но само ако претставува преодна фаза кон нешто многу поважно – целосен мерит-систем. Тоа значи секое работно место во администрацијата да биде освоено преку знаење, образование, интегритет, професионално искуство и резултати. Етничката припадност не смее да биде билет за вработување, исто како што не смее да биде ниту пречка. Единствен критериум мора да биде компетентноста. Само таков систем ќе создаде ефикасна администрација, силни институции и држава што им служи на сите граѓани еднакво.
Време е Македонија да престане да ги брои етничките проценти и да почне да ги мери човечките квалитети. Зашто модерна европска држава не се гради со квоти, туку со знаење. Не со привилегии, туку со еднакви можности. Не со етнички клуч, туку со мерит-систем. Само тогаш правичноста ќе престане да биде политички слоган и ќе стане вистински темел на функционална држава. Р.Н.М.