РАКОМЕТ

  • Во новата сезона Алкалоид ќе се натпреварува на четири фронта (во домашното првенство, Купот на Македонија, Регионалната лига и во Европскиот куп). Нови имиња во клубот се словенечките играчи Матиц Сухолежник и Нејц Цехте и црногорскиот ас Вуко Борозан

Во спортската сала „Автокоманда“ официјално почнаа подготовките за новата сезона на ракометарите на Алкалоид, предводени од тренерот Кирил Лазаров. На првиот собир ракометарите ги поздрави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, и им посака пред сѐ здравје и успех во новата сезона.
Подготовките на клубот ќе се одвиваат во три дела. Прв дел е воведниот во тренажниот процес, кој ќе се реализира во Скопје. Потоа, од 3 август екипата ќе замине на подготовки во Маврово, а во последната фаза подготовките ќе бидат финализирани со контролни дуели. Во новата сезона Алкалоид ќе се натпреварува на четири фронта. Покрај домашното првенство и Купот на Македонија, ќе игра во новоформираната Регионална лига (РЛ) со екипи од Србија и од Црна Гора, како и во Европскиот куп, каде што беше победник во сезоната 2024/2025, велат од РК Алкалоид.
Во екипата има неколку играчки промени. Од оние што играа во минатата сезона си заминаа Мартин Ивановски, Никола Маркоски, Кристијан Симоноски и Мартин Серафимов, а нови имиња во клубот се словенечките играчи Матиц Сухолежник и Нејц Цехте и црногорскиот ас Вуко Борозан. Сухолежник (31) е пикер, висок 202 см, доаѓа од екипата на Слован. Во својата кариера има настапувано и за Целје, Данкерк и за Саран од Франција, Бенфика од Португалија и за хрватскиот првак Загреб. Цехте (33) е десен бек, кој минатата сезона играше за финалистот на Лигата на шампионите, германски Фуксе Берлин. Претходно настапувал и за Кршко и за Горење Велење, за германски Хановер, дански ГОГ и за Еурофарм Пелистер. Црногорскиот лев бек Борозан (32), висок 202 см, кој е добропознат во спортската јавноста, настапуваше за повеќе екипи во Европа, Блискиот Исток и во Македонија. Г.И.