МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК МЕЃУ НАУКАТА И ПОЛИТИКАТА (3)
- Од Охрид до Кратово – континуитетот на македонската книжевна традиција
Ако приказната за македонскиот јазик завршуваше со Свети Климент и Охридската книжевна школа, тогаш ќе можеше да се зборува за една славна, но одамна завршена епоха. Историските извори, меѓутоа, сведочат за нешто сосема друго. Охридската традиција не згаснува. Таа продолжува да живее и да се развива во вековите што следуваат, оставајќи зад себе книжевни школи, ракописи, грамоти и дамаскини што јасно го потврдуваат континуитетот на македонската книжевна традиција.
Охридската книжевна школа, основана од Свети Климент кон крајот на IX век, претставува првиот голем книжевен центар на македонскиот простор. Како што веќе беше речено, таа останува доследна на кирилометодиевската традиција, подолго ја зачувува глаголицата и ги негува јазичните особености на најстарите словенски преводи. Оттаму потекнуваат едни од најзначајните споменици на словенската писменост, како Добромировото евангелие, Битолскиот триод, Охридскиот апостол и Болоњскиот псалтир, кои и денес претставуваат основни извори за проучување на најраната словенска книжевна традиција.
Но книжевниот живот во Македонија не завршува со Охрид. Од XIV век натаму негов природен продолжувач станува Кратовско-лесновската книжевна школа, која ги продолжува книжевните и јазичните традиции воспоставени уште во времето на Свети Климент. Во книжевните центри во Кратово, Лесново и во Кумановско-скопската Област се препишуваат, се преведуваат и се создаваат нови дела, при што се зачувуваат особеностите на македонската редакција на црковнословенскиот јазик. Од оваа книжевна средина потекнуваат некои од најзначајните споменици на доцносредновековната македонска писменост, како Станиславовиот пролог, Оливеровиот минеј, Лесновскиот паренесис, Хлудовиот паримејник, како и многубројни минеи, триоди, псалтири и други богослужбени книги, препишувани во манастирските скрипториуми. На овој начин, и покрај крупните политички промени на Балканот, книжевната традиција продолжува непрекинато да живее. Токму тука лежи еден од најважните научни аргументи. Македонската книжевна традиција не претставува изолирана појава ограничена на Охридската книжевна школа, туку континуиран процес што може да се следи низ повеќе векови.
Овој континуитет особено јасно се согледува во средновековните грамоти. За разлика од богослужбените книги, тие биле документи од практичниот живот – повелби, даровници и правни акти. Поради нивната намена, во нив многу порано почнуваат да навлегуваат особеностите на живиот народен говор. Најдобар пример се Трескавечките грамоти од XIV век, кои содржат низа јазични особености карактеристични за македонскиот народен говор. Тие претставуваат едно од најраните сведоштва дека народниот македонски јазик почнал да навлегува во официјалната писмена практика, многу пред појавата на дамаскините; кои од XVI век стануваат една од најраспространетите книжевни форми на македонскиот простор. За разлика од постарите богослужбени книги, тие биле наменети за поширокиот круг верници. Нивната основна цел не била да го зачуваат традиционалниот книжевен јазик, туку христијанската порака да ја направат разбирлива за народот. Затоа нивните составувачи свесно го приближувале книжевниот јазик до живиот народен говор, внесувајќи народни зборови, форми и конструкции. Со тоа постепено се намалувала јазичната оддалеченост меѓу книжевниот и народниот јазик, а народниот говор сè посилно го наоѓал своето место во пишаната традиција.
И грамотите и дамаскините сведочат за ист процес – постепено, но континуирано навлегување на народниот македонски јазик во писменоста. Тоа не било ненадеен прекин со дотогашната традиција, туку природен развој што траел со векови.
Токму затоа современата славистика не го разгледува современиот македонски литературен јазик како појава што настанала одеднаш во XX век. Неговите историски корени се препознаваат во повеќевековната книжевна традиција, која започнува со Охридската книжевна школа, продолжува преку Кратовско-лесновската школа, се одразува во средновековните грамоти и дамаскините и постепено се доближува до живиот народен говор.
Овој повеќевековен процес ќе добие нова содржина во XIX век. Народниот јазик повеќе нема да биде само средство за приближување на книжевноста до народот туку ќе стане темел врз кој македонските преродбеници ќе почнат да ја градат идејата за современ македонски литературен јазик.
Елка Јачева-Улчар
(Продолжува)
































