Некои заклучоци од статистиката на „Евростат“ за корпоративниот долг на Европа
- Кога се зборува за задолженоста во Европската Унија, јавноста најчесто размислува за јавниот долг на државите. Меѓутоа, економската
стабилност зависи и од задолженоста на приватниот сектор, односно на компаниите. Токму затоа „Евростат“ редовно го следи и корпоративниот долг, а Европската комисија (ЕК) го користи како еден од клучните показатели во системот за откривање макроекономски нерамнотежи - Во еден ваков контекст, логично се поставува прашањето како корпоративниот долг се одразува врз граѓаните. Граѓаните најчесто не ги интересира дали долгот е 90 или 250 проценти од БДП, туку дали тоа ќе влијае врз работните места, платите, инвестициите и врз цената на кредитите. Затоа, за просечниот граѓанин, високиот корпоративен долг не е нужно причина за загриженост
На прв поглед, најновото рангирање на „Евростат“ за крајот на 2025 година изгледа дела лесно може да се сфати. Имено, седум земји членки на ЕУ ја надминуваат референтната граница од 85 проценти задолженост од бруто-домашниот производ (БДП), што Европската комисија (ЕК) ја смета за предупредувачки праг. Но подлабоката анализа покажува дека зад овие бројки се кријат сосема различни економски приказни.
Што всушност мери „Евростат“?
Показателот го споредува долгот на нефинансиските компании со годишниот БДП на секоја држава. Во пресметката влегуваат банкарските кредити и корпоративните обврзници, додека банките, осигурителните компании и другите финансиски институции се исклучени. За да се избегне двојно прикажување, „Евростат“ ги исклучува заемите меѓу компании регистрирани во иста држава. Но кредитите што циркулираат меѓу компании од иста мултинационална група, ако тие се регистрирани во различни држави, остануваат дел од статистиката. Токму оваа методолошка особеност значително влијае врз конечната слика. На ниво на ЕУ, корпоративниот долг на крајот од 2025 година изнесувал 70,1 проценти од БДП, а во еврозоната 71,6 процент. Тоа се едни од најниските нивоа во последните две децении, главно затоа што номиналниот економски раст бил побрз од растот на корпоративното задолжување.
Зошто постои прагот од 85 проценти?
По глобалната финансиска криза и должничката криза во еврозоната, Европската комисија (ЕК) воспостави систем за следење на економските ризици. Еден од индикаторите е корпоративниот долг, при што 85 проценти од БДП се сметаат за граница што бара дополнителна анализа. Важно е да се нагласи дека надминувањето на оваа вредност не значи автоматски дека економијата е во опасност, ниту пак повлекува санкции. Тоа претставува сигнал за ЕК да утврди дали високото задолжување произлегува од реални економски слабости или од специфичната структура на националната економија.
Земјите со највисок корпоративен долг во ЕУ
7. Белгија – 90,6 проценти од БДП
Белгија долго време претставува центар преку кој мултинационалните компании ги организираат своите внатрешни финансиски трансакции. Голем дел од регистрираниот долг не е резултат на задолжување на белгиските компании што произведуваат или продаваат стоки и услуги, туку на финансиски операции во рамките на истите корпоративни групации. Според белгиската централна банка, доколку овие внатрешни трансакции се исклучат, корпоративниот долг би изнесувал околу две третини од БДП, што е значително пониско од официјалната статистика.
6. Франција – 91,6 процент
Франција е првата земја на листата кај која високото задолжување претставува реален економски предизвик. Француската централна банка повеќепати предупредува дека француските компании се најзадолжени меѓу големите економии во еврозоната. Дури и кога ќе се земат предвид нивните значителни парични резерви, задолженоста останува висока, а компаниите плаќаат и релативно високи трошоци за сервисирање на долговите.
5. Холандија – 106,3 проценти
Холандија е едно од најголемите европски финансиски средишта. Според Европската комисија, околу 60 проценти од корпоративниот долг произлегува од мултинационални компании, кои преку холандски субјекти управуваат со своите глобални финансии. Кога ќе се исклучат овие структури, домашниот корпоративен долг изгледа многу понормално.
4. Кипар – 107,3 проценти
Слична е ситуацијата и на Кипар, но уште поизразена. Европската централна банка проценува дека повеќе од 80 проценти од прекуграничните инвестиции минуваат преку компании што имаат минимална или никаква реална деловна активност во земјата. Оттука, најголемиот дел од регистрираниот долг претставува дел од глобалните финансиски текови, а не задолжување на кипарската економија.
3. Шведска – 108,6 проценти
За разлика од претходните земји, шведскиот корпоративен долг главно е реален. Најголемиот дел потекнува од секторот за комерцијални недвижности. Компаниите со години се задолжуваа по исклучително ниски каматни стапки, но по наглото зголемување на каматите по 2022 година токму овој сектор стана една од најголемите финансиски ранливости на шведската економија.
2. Данска – 115,4 проценти
И данскиот корпоративен долг претежно е резултат на вистинско задолжување на домашните компании. Големите дански корпорации сè почесто се финансираат преку меѓународните пазари на обврзници за да ја поддржат својата глобална експанзија. Централната банка на Данска наведува дека корпоративното задолжување преку обврзници речиси е тројно зголемено во последните пет години.
1. Луксембург – 251,1 процент од БДП
Луксембург претставува посебна категорија. Корпоративниот долг е повеќе од два и пол пати поголем од годишниот БДП, убедливо највисок во Европската Унија. Но централната банка на земјата предупредува дека оваа бројка лесно може да биде погрешно протолкувана. Илјадници холдинг-компании и финансиски субјекти регистрирани во Луксембург управуваат со меѓународни инвестиции и нивниот долг во најголем дел е покриен со финансиски средства. Практично, статистиката повеќе зборува за улогата на Луксембург како глобален финансиски центар отколку за задолженоста на домашната економија.
Изненадувањето Италија и Грција
Најинтересниот дел од рангирањето се наоѓа на неговото дно. Иако Грција и Италија имаат највисок јавен долг во ЕУ – 146 и 137 проценти од БДП – нивните компании се меѓу најмалку задолжените во еврозоната. Корпоративниот долг во Грција изнесува 58,6 проценти од БДП, а во Италија 55,1 проценти. Тоа покажува дека проблемот кај овие две земји е концентриран во јавните финансии, а не во приватниот сектор.
Од првите пет држави, дури четири се релативно мали економии – Луксембург, Холандија, Кипар и Белгија. Причината не е што нивните компании се најризични, туку што тие функционираат како европски и светски финансиски центри. Илјадници мултинационални корпорации ги користат овие земји за организирање инвестиции, холдинг-структури и внатрешно финансирање. Затоа огромен дел од корпоративниот долг во нивните статистики всушност не ја одразува состојбата на домашната економија.
Како корпоративниот долг влијае врз граѓаните?
Во еден ваков контекст, логично се поставува прашањето како корпоративниот долг се одразува врз граѓаните? Граѓаните најчесто не ги интересира дали долгот е 90 или 250 проценти од БДП, туку дали тоа ќе влијае врз работните места, платите, инвестициите и врз цената на кредитите. Затоа, за просечниот граѓанин, високиот корпоративен долг не е нужно причина за загриженост. Доколку задолжувањето е резултат на работење на големи меѓународни компании, како што е случајот во Луксембург, Холандија или со Белгија, тоа речиси и нема директно влијание врз животниот стандард. Но кога долгот навистина го носат домашните компании, последиците можат да бидат значајни. Во услови на раст на каматните стапки, фирмите издвојуваат повеќе средства за отплата на кредитите, а помалку за инвестиции, нови работни места и за раст на платите. Доколку дојде до економско забавување, силно задолжените компании полесно влегуваат во финансиски тешкотии, што може да доведе до отпуштања, намалување на производството и послаб економски раст. Затоа економистите не ја оценуваат само висината на долгот туку и неговата структура, неговата покриеност со средства и способноста на компаниите редовно да ги сервисираат своите обврски.
Што навистина покажува ова рангирање?
Во голем број случаи, статистиката на „Евростат“ повеќе ја покажува географијата на глобалните корпоративни финансии отколку финансиското здравје на домашните компании. Откако ќе се исклучи влијанието на меѓународните финансиски центри, сликата значително се менува. Токму затоа Франција се издвојува како најзначајниот случај меѓу големите европски економии – земја во која истовремено постојат и висок јавен долг и реално висока задолженост на корпоративниот сектор. Оттука, ова рангирање не треба да се чита како листа на „најризични економии“, туку како показател што бара внимателно толкување. За едни држави, високите проценти се последица на нивната улога во глобалните финансиски текови. За други, тие претставуваат предупредување дека домашниот приватен сектор навистина носи зголемен финансиски ризик. Токму разликувањето меѓу овие две категории е суштината на анализата што ја направија „Евростат“ и Европската комисија.
Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
































