Игор Радев, доктор по кинеска филологија
Неодамна, во рамките на Македонската академија на науките и уметностите, имавте предавање на темата „Жанровите на класичната кинеска поезија“. Што беше вашата главна цел со ова предавање и што сакавте особено да ѝ доближите на публиката…
– Одговарајќи во една реченица, ќе кажам дека мојот основен мотив за предавањето беше желбата да ја запознаам македонската јавност со убавото, а воедно и непознатото. Поезијата, како единствена уметничка форма, чиј материјал за изразување претставува дел од човечката природа – јазикот, со самото тоа придонесува човекот да се преобликува себеси во убавина. Класичната кинеска поезија, како еден од главните поетски видокрузи во рамките на светската книжевност, мора да признаеме дека за нашата читателска средина сѐ уште е непознаница. Познатиот белгиски синолог Симон Лејс (1935-2014) вели: „Класичната кинеска поезија е најчистиот, најсовршениот и најцеловитиот облик на поезија што воопшто може да се замисли. Подобро од која било друга поезија таа одговара на дефиницијата на Одн – ’бележит говор‘; и навистина, таа безнапорно ти се врежува во паметењето. Згора, исто како и живописот, таа зазема визуелен простор преку своите калиграфски отелотворенија; таа се вселува во твојот ум, те проследува низ целиот живот, ги поткрепува и озарува секојдневните искуства“.
Но сега да се изразиме потехнички: Класична кинеска поезија е она поетско творештво што е создавано на класичен кинески јазик (文言文: ве?н је?н ве?н), се изразува низ своеобразни поетски жанрови со ним својствена просодија, и кое воглавно (но не исклучиво) црпи вдахновение од традиционално определена палета на мотиви и теми. Класичниот кинески јазик е т.н. изолативен јазик, чии зборови не познаваат морфолошки измени, па следствено категориите како род, број, член, лице, време итн. овде не суштествуваат. Граматичкото значење се образува, пред сѐ, преку синтаксички и контекстуални средства, а притоа најголем дел од зборовите се едносложни и во зависност од местото што го зазема во реченицата еден ист збор може да игра улога на именка, придавка или глагол. Исто така, кинескиот јазик е тонален, т.е. секој слог може да биде изговорен со четири различни тона, во зависност од коишто варира и значењето.
Во контекст на поетското творештво, овие јазични особености доведуваат до тоа секој збор употребен во стихот, кој е метрички и стилски омеѓен, да сосредоточува во себе максимум на значење, оставајќи простор за повеќезначност, која воспримателот е поканет да ја растајни. Оттука, класичната кинеска поезија изискува многу поактивен слушател / читател отколку што е тоа случај со преостанатите поетски светови. Главните елементи, со кои се гради просодијата на стихот, та во зависност од нејзиното обликување бидуваат дефинирани различните жанрови на класичната кинеска поезија, се: количеството на слогови, тоналноста и римата. Што се однесува до естетската изразност на класичната кинеска поезија, доколку сум принуден со еден збор да ја опишам нејзината суштина, тоа би било – сликовност. Односно, слоговите, зборовите, фразите се еден вид бои, линии и точки, а поетската умешност е четкичка, која нив ги насликува во „ликовно дело“, со чие воспримање како визуелна целина, во умот на читателот / слушателот доаѓа до увид. Таквата посредност преку дистанцата што лежи помеѓу сликата и речта станува суштина на поетското изразување наспроти „профаното“, „прозаичното“. Всушност, токму таквата дистанца, „празнина“, ја воплотува смислата на поетскиот исказ, што нѐ тера да си спомнеме на Лао Це, кој вели:
„Триесет спици споделуваат едно средиште,
И токму таа празнина ѝ дава
смисла на колесницата.
Замесуваме глина да направиме сад,
И токму празнината му дава смисла на садот.
Се пробиваат врата и прозорци
за да се создаде куќа,
И токму празнината ѝ дава
смисла на куќата.
Така, она што е бидува од полза,
Меѓутоа, она што не е дава смисла!“
Еден вид теоретско обмислување на сликовноста, иконичноста како книжевен идеал можеме да најдеме кај филозофот Ва?нг Пѝ (王弼; 226 – 249):
„Сликите ја изразуваат смислата, а зборовите ја изведуваат на виделина сликата. Ништо подобро од сликата не може да ја изнесе смислата, а ништо подобро од зборовите не може да ја пренесе сликата. Зборовите се раѓаат од сликите, па така, следејќи ги зборовите, може да се согледа сликата. Сликите, од своја страна, се раѓаат од смислата, та следејќи ги сликите, може да се увиди смислата. Смислата бидува изнесена од сликите, а сликата е изразена преку зборови“.
На крајот, мора да кажеме дека поезијата е нешто што е најсвојствено, најинтимно за секој народ, за секоја цивилизација, па меѓусебното запознавање најдобро се остварува преку поезијата. Во таа насока, летото 2024 г. во Охрид во организација на МАНУ се одржа првата македонско-кинеска поетска работилница, со учество на истакнати македонски и кинески поети, а резултатите од овој книжевен настан минатиот декември во Гуа?нгчжо?у, Кина, беа објавени во посебна збирка, насловена „Од две страни сонце грее: Современа кинеска и македонска поезија“, што веројатно е прво дело од ваков тип досега. Исто така, да кажеме дека еден од најпознатите современи кинески поети Шӣ Чуа?н минатиот месец беше е во Македонија и одржа серија гостувачки предавања на Филолошкиот факултет при УКИМ. Значи, на ова поле има некој напредок…
Што ве мотивираше да се посветите токму на класичната кинеска поезија и што ја прави толку значајна во рамките на светската книжевност?
– Интересно прашање, на кое и самиот се обидувам да си дадам одговор. Имено, кога започнав да преведувам дела од класичната кинеска литература, првично се посветив на филозофски остварувања; значи, ја преведов на македонски Книгата за Патот и неговата Крепост (道德經: Та?о Те́’ Џи?нг) од Лао Це, како основа на таоистичката мисла, а потем и Изреченијата (論語: Лу?н Ју̌) на Конфуциј заедно со Големото учење (大學: Та̀ Шјуе?) и Учењето за средишноста (中庸: Чжо?нг Јо?нг), како остварувања што ја претставуваат конфуцијанската филозофија итн. Паралелно со тоа, забележав како сѐ повеќе ме привлекуваше преведувањето поезија, чувствував како препевот на извесен начин ме опушташе и ми причинуваше радост. Можеби ова звучи чудно, зашто ако прашате речиси кој било преведувач што е најтешко за преведување, би ви одговорил – поезија. Но кај мене се случуваше спротивното, дури се сеќавам во периодот кога ја подготвував докторската дисертација во Пекинг, како метод на релаксација ми служеше преведувањето на можеби најпознатата поетеса во кинеската историја Ли̌ ‘Чи?нг Чжа?о (李清照: 1085-155). Се прашував зошто е тоа така? Одговорот, кој си го дадов на себе, кој не настојувам некому да му го наметнувам, е дека филозофијата умее да ги поставува прашањата и се обидува на нив да одговори на еден вербален, церебрален начин, додека уметноста, односно поезијата, понекогаш умее да досегне подалеку, зашто поткопувајќи ја „вообичаеноста“ на зборовите, таа ги претвора нив во метафизички телескоп, низ кој се согледува она што е отаде искажливото, а тоа го прави на безнапорен опивачки начин, небаре според максимата на Лао Це – „дејствувај не дејствувајќи, та сѐ ќе си дојде на место“.
Резултат од сево ова беше објавувањето на Антологијата на класичната кинеска поезија, како и посебни поетски збирки посветени на Ли̌ ‘Чи?нг Чжа?о, а потоа и на Сӯ Шѝ’ (蘇軾; 1037-1101), но во меѓувреме и древната Книга на песните (詩經: Шӣ’ Џи?нг), чие компилирање датира од XI до VIII век пр. н. е.
Инаку, од културолошка гледна точка кинеската цивилизација слободно можеме да ја наречеме „империја на поезијата“. Од самите почетоци на кинеската книжевност некаде од XI век пр. н. е., па до VII-VIII век н. е. уметничката литература во целост се поистоветувала со поезијата. Згора на тоа, на Државните испити, кои претставувале метод за креирање на административната и политичката класа на династичка Кина, творењето поезија било првото нешто што се полагало! Ова предизвикало престижот на поезијата да се издигне до невидени височини. Поезијата станала средство со кое државните чиновници комуницирале помеѓу себе, изразувале политички ставови, но и протест, изнесувале барања, ги бележеле внатрешните збиднувања, како и впечатоците оставени од надворешните глетки, со поезијата ги искажувале своите надежи и стравови. Едноставно речено, поезијата им се сторила втор мајчин јазик. Во рамките на кинеската култура поетскиот чин никогаш не се сметал за чисто интимно и субјективно дело, туку пишувањето стих секогаш било земано за чин на општествена дејност.

Кои се најголемите предизвици при толкувањето и приближувањето на класичниот кинески јазик и поезија до македонската публика?
– Има два главни предизвика со кои секој препејувач на класичната кинеска поезија мора да се фати во костец. Првиот се состои во веќе спомнатите својства на класичниот кинески јазик, коишто го прават типолошки антипод на македонскиот, како и на другите јазици од индоевропското семејство. Релативно лесна е патеката на преведувањето кога се преведува од еден на друг јазик, кои, меѓутоа, горе-долу припаѓаат на ист тип. Македонскиот е флексивен јазик, а кинескиот е изолативен, кинескиот јазик е тонален, македонскиот не е, лексиката на македонскиот јазик главно е повеќесложна, кинеската е едносложна итн. Сад во којшто е сместена традиционалната поезија е просодијата, но со оглед на горенаведеното, како воопшто да ја пренесеме класичната кинеска просодија во македонски препев? Однапред ќе го отпишеме тонот, зашто тој воопшто како категорија му е непознат на нашиот јазик. Што правиме со количественоста на стихот? Стандардните кинески стихови најчесто се петерци или седмерци, а поретко се среќава и четирисложен и шестосложен стих. Но во контекст на класичниот кинески јазик тоа значи пет или седум збора по стих. Јасно дека е невозможен препев непосредно со петосложен или седмосложен македонски стих. Јас најчесто, поаѓајќи од пресметката што ја направив, според која соодносот на слогови по збор помеѓу кинескиот и македонскиот јазик е приближно 1:2.5, вообичаено кинескиот петосложен стих го пренесувам со македонски дванаесетсложен стих и седмосложниот стих со македонски петнаесетсложен стих. Но теоретски постојат и други варијанти, на пример наместо да се внимава на пропорционалноста во однос на слоговите, да се пренесува бројот на зборови, односно, кинески петерец – со пет збора во македонски стих итн. Но тука ни задава проблем натрупувањето на предлози во македонскиот јазик, па сега, дали предлозите ќе ги броиме како цели зборови или не? Евентуално и за тоа има чаре, ако бројот на зборови би го замениле со бројот на акценти по стих, така што од полза ќе ни бидат акцентските целости…
Вториот проблем при препевот од класичен кинески на македонски е културната дистанца. Имено, секој културен круг располага со сопствена „граматика на симболи“. Така, ако во контекст на европската поезија се употреби фраза како „јаболко на раздорот“ или „завие во црно“, читателот веднаш ја препознава симболичката порака зад овие изрази; но што тие би му значеле, да речеме, на кинескиот читател, кој не ја знае митолошката приказна што го определува првиот израз, или како ќе го разбере вториот, кога традиционална боја за оплакување во кинеската култура е белата? Слично, како македонски читател би знаел дека кога ќе налета на израз „ветер и дожд“ во кинески стих, тоа претставува алузија на сексуален однос, а кога во песна ќе „види“ врба, дека таа означува разделба? Понатаму, класичната кинеска поезија се одликува со висок степен на интертекстуалност, а исто така е полна со алузии на историски ликови и настани, кои по дефиниција му се непознати на нашиот читател. Оттука, „опремувањето“ на препевот со соодветен толкувачки и критички апарат претставува императив при ваков меѓукултурен превод.

– „Од две страни сонце грее
Споделете ни накратко за жанровите што ги претставивте на предавањето и кој лично ви е најблизок и зошто?
– Добро, тука веќе влегуваме во постручни води. Значи, постојат шест основни жанра во класичната кинеска поезија: т.н. „песни по класичен образец“ (詩: шӣ’), „песнопенија“ (詞: ‘ци́’), „припеви“ (曲: ‘чју?), „распеви“ (賦: фу̀), „елегии“ (騷: са?о) и „балади“ (樂府: јуе? фу̌).
„Песните по класичен образец“ се најраспространетата поетска форма во историјата на кинеската литература, која се одликува, пред сѐ, со ползување еднаков број на слогови по стих (најчесто пет или седум), а стиховите се распределени по строфи чија должина зависи од метричката стапка. Просодијата во спомнатиов жанр се гради со помош на ритмичко подредување на тонот на зборовите со стихот во содејство на неговата должина, а се користи и рима. Јасно, има повеќе подвидови на овој жанр.
Својствено, пак, на жанрот на „песнопенија“ е тоа што песните од спомнатиов вид се градат на тој начин што стиховите се вметнуваат во готови рамки поставени од мелодии на веќе постојни песни, при што стиховите не се рамносложни, но сепак се со фиксен распоред. Сложената тонална метрика заедно со римите се определени од мелодиите, кои треба да бидат „пополнети“, та за секоја поединечна мелодија се случува да има по неколку типа метрички стапки.
Слични на нив се „припевите“, каде што, исто така, има „прикачување“ на разносложни стихови во тонални метрички стапки и рими на веќе постојни мелодии. Разликата е во тоа што при одредени околности бројот на слогови во даден стих може да се зголеми, но без да се смени метричката структура. Особеност за овој жанр е што најчесто бил користен во склоп на драмски остварувања.
„Распевите“ во очите на кинеската книжевна теорија стојат на границата помеѓу поезијата и прозата, од причина што спомнатиов жанр бил предвиден само за рецитирање, но не и за пеење со музичка придружба, додека стиховите може да се римуваат, но и да се изменуваат со прозен текст.
„Елегиите“ како жанр претставуваат подражавање на стилот исползуван од страна на древниот поет ‘Чју? Јуе?н (屈原; 343-278 пр. н. е.) во неговата прочуена поема Скрб разделна (離騷: Ли́ Са?о), која е напишана во шестосложни стиховни парови, при што обично двата члена од парот се разделени со извик.
„Баладите“ се поетски жанр со потекло од народниот мелос за време на династијата Ха?н (漢: 206 пр. н. е.-220 н. е.), чии песни изворно се придржувале до метричките стапки на народното творештво и биле предвидени за музичка изведба, но подоцна музичко-сценскиот аспект постепено отпаднал.
Сега, ако ме прашате, кој од гореспоменативе жанрови мене најмногу ми „лежи“, по тешко думање, би рекол – „песнопенијата“. Зошто? Поради нееднородноста на стихот во рамките на песната, заедно со нагласената мелодичност, класичните песни од овој вид за мене како да се одликуваат со своевидна дионисиска живост и игривост. Но зошто да теоретизирам, еве погледнете еден нагледен пример од веќе спомнатата поетеса Ли̌ ‘Чи?нг Чжа?о:
„Сон пројде, воден часовник сопре,
Синоќешна пијанка точи скрб;
Студ слегнал врз срмена перница,
Тиркизест превез демне муграта.
Надвор, кој одземи ги изметил
румените петелки?
– Зар ноќва ветер нѐ посетил?
Исчезна глас на нефритна флејта,
со него и свирачот…
И пролетта ќе ја снема,
А либе мое помни ли ден повратен?
Сепак, оваа јанѕа,
ова стравување, овој час,
Ми се збрале ко темни облаци…
Што да правам, богу на пролетта?“
Колку современиот читател денес може да се пронајде во темите и емоциите на древната кинеска поезија?
– По мера, по која и ние овде во Македонија на XXI век ја споделуваме истата човечка природа со авторите и протагонистите на класичниот кинески стих со почетоци од пред три илјади години, секако дека ќе се пронајдеме во темите и емоциите на древната кинеска поезија. Но нема да „тапам“ понатаму, туку ќе демонстрирам…
Погледнете го овој опис на женска убавина содржан во најстарата кинеска (а веројатно и светска) поетска антологија, класичната Книга на песните:
„Ко бисер лачезарна е таа,
Руби нејни – перје фазаново;
Коса ѝ – облак сред’ сончев залез,
Локнички ѝ треперат над лице,
Наушници носи од ѕунлив жад,
Од слонокост, пак, ѝ е фибичка;
Бело чело, глава вишно крева,
Чиниш си здогледал небесница,
Вистинска самовила божеска.“
Доволно и денес да се вљубите во неа, над чија става натежнала земја стара три илјади години. А кога сме веќе кај љубовта, за мене една од најуспешните метафори за неа ја дава можеби најпознатиот класичен кинески поет Ту̀ Фу̌ (杜甫; 712-770), во една своја песна каде ја опишува средбата со жена си по долгогодишно отсуство:
„Се вишат багрени облаци на запад,
Тоне сонцето накај земјица ширна;
Врз дрвени порти ластовица црцори,
Патник се вратил отаде
безброј милји.
Жена и рожби – в чудо зашто
сум тука,
Вџашеност штом им пројде,
солзи си бришат;
Одвеан бев од виорот на свет бурен,
Жив сум уште – не ли е к’смет
невиден?
Соседи глави поткренале над плотот,
Воздишки скрбни, по некое ридање…
Ноќ е паднала, стегам во рака свеќа,
Очи в очи, еден спроти друг
– небаре сон.“
Внимавајте, љубовта е кревка, чиниш беспомошна светлина на свеќа, но таа единствена овозможува да се гледаме лице в лице, без којашто луѓето се туѓинци еден за друг во овој свет. А освен љубовта, тука е и смртта. Чујте ја оваа песна од поетот Сӯ Шѝ’, каде што си припомнува за својата сопруга, која веќе ја нема:
„Десет лета ме раздвоиле
мене жив од тебе мртва,
И да не те мислам често,
заборав нема;
Гроб ти зад илјадници милји, сам не знам да кажам кај лежиш студена,
А и повтур по чудо да се видиме,
дали ќе ме познаеш?
– Лице ми сето правливо,
коси осланети…
Без да сетам в длабока ноќ,
сон ме врати при родниот крај:
Таму беше ти до пенџер
кај руво си местиш,
Си се вгледавме в очи без збор,
саде солзи илјадострујни течеа.
Низ годиње тоа срцеболно
место ќе ме тревожи,
Каде јасна луна зари в мрак,
вит бор чува гроб.“































