Пред повеќе од 4.000 посетители свечено отворено 66. „Охридско лето“
Со спектакуларна оперска гала-вечер, пред преполн Антички театар и повеќе од 4.000 посетители, завчера свечено беше отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Концертот, за кој билетите беа распродадени уште две недели пред почетокот, предизвика рекорден интерес и уште еднаш ја потврди довербата што фестивалот ја ужива кај љубителите на врвната уметност.
Свеченото отворање донесе вечер исполнета со силни емоции, долги аплаузи и извонредни музички изведби, потврдувајќи го статусот на „Охридско лето“ како еден од најзначајните културни настани во регионот.
На сцената на Античкиот театар настапија светски познатата сопранистка Ермонела Јахо и прочуениот американски тенор Чарлс Кастроново, кои со своите маестрални интерпретации ја воодушевија публиката. Во придружба на оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на италијанскиот маестро Марко Боеми, тие изведоа избор од најубавите арии и дуети од богатата оперска литература.
Благодарение на врвната вокална техника, сценската харизма и силната емоција што ја пренесоа, двајцата уметници беа испратени со долготрајни овации. Воодушевената публика ги враќаше на сцената на повеќе бисови, претворајќи го отворањето на фестивалот во музички спектакл што долго ќе остане во сеќавањата.
– Ова беше вечер што ќе остане запаметена. Преполниот Антички театар, повеќе од 4.000 посетители и распродадените билети две недели однапред се најдобра потврда дека „Охридско лето“ ја има довербата на публиката. Горди сме што фестивалот го отворивме со врвни светски уметници и спектакуларна оперска гала-вечер, која донесе незаборавни емоции и силен почеток на 66. фестивалско издание – вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителката, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Во своето обраќање таа потсети дека пред шеесет и шест години, под сводовите на црквата „Света Софија“, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ ги отпеала првите фестивалски тонови, означувајќи го почетокот на „Охридско лето“, кое и денес живее со истата сила.

– Оттогаш до денес многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космполитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик- рече Гордана Сиљановска-Давкова.
На свеченото отворање се обрати и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека токму во Охрид историјата, природата и духот живеат во тивка и возвишена хармонија. Според него, секој камен, секој бран на езерото и секоја нота што ќе одекне од фестивалот сведочат дека цивилизациите не се препознаваат по моќта, туку по убавината што ја оставаат зад себе.
– „Охридско лето“ никогаш не било само обичен фестивал. Тоа е жива потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз за добри времиња, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои – рече Љутков.
Уметничката порака на годинашното издание на фестивалот ја испрати истакнатиот македонски оперски уметник Игор Дурловски. Тој порача дека малите земји имаат особено значајна улога во светската култура, бидејќи нивната сила не произлегува од големината на територијата или бројот на жители, туку од приказните што ги носат, искуствата што ги преживеале и придонесот што можат да го дадат во заедничкиот разговор на човештвото.

– Македонија е земја со длабока историска меморија, земја низ која минувале различни култури, јазици и цивилизации. Најголемата вредност на тоа наследство е во минатото што го паметиме, сегашноста што ја живееме и во иднината што можеме да ја создадеме. Нашата задача е да му кажеме на светот кои сме и да му понудиме нешто што може да го споделиме со сите: нов поглед, ново прашање, нов простор за средба. И затоа овде, во Охрид, во градот каде што вековите разговараат меѓу себе, посакувам уметноста да продолжи да биде нашата најубава порака до светот. Порака дека човекот сè уште има потреба од убавина, од смисла и од надеж – рече оперскиот пејач Дурловски.
Реализацијата на годинашното фестивалско издание е овозможена со поддршката на покровителот – претседателката на Република Македонија, Владата преку Министерството за култура и туризам, Општина Охрид, како и благодарение на генералниот спонзор „А1 Македонија“, партнерите и сите пријатели на фестивалот што веруваат дека уметноста има моќ да поврзува, инспирира и трансформира. Н.М.
































