Илустрации: Сузана Томовска

Читаме лектира за вас: „Борко Брзозборко“ од Ксенија Маказлиева Трајчева

  • Во новиот список на лектири книгата „Борко Брзозборко“ од авторката
    Ксенија Маказлиева Трајчева е изборно лектирно четиво за четврто
    одделение. Ние со овој расказ само ќе ве поттикнеме да ја прочитате целата книга и да ги откриете сите авантури на брзозборливиот Борко

Дали се сеќавате на Борко? Оној што редовно доцни на час, а секогаш другите му се виновни?
Денес Борко е во скејтборд-паркот, кој се наоѓа покрај големата река во неговиот град, „со полна воена опрема“ на себе, како што знае да го задева дедо му. Има шлем на главата и штитници на рацете и нозете. Неговиот скејтборд е во боите на пламените јазици. Кога вози од едниот до другиот крај на скејтборд-паркот, чиниш пламени искри летаат под неговите нозе. Иако има само 11 години, тој вози скејтборд рамо до рамо со поголемите деца. Некои од нив дури и му завидуваат на брзината и на вештината.
– Се врти како палачинка во жешко тавче – се смее Игор додека го гледа како вози. А Дина одвај се воздржува да не ги покрие очите, но не ѝ успева. На секое вртење во круг или полукруг, таа ги покрива и усните и очите со дланките. Срцето ѝ чука толку силно што ѝ се чини дека го проголтала часовникот на капетанот Кука од приказната за Петар Пан.
– Ако не можеш да гледаш, појди на театар, или балет… – се лути Матеј – а не секои две секунди само испушташ крици како да е крај на светот.
Како да му објасни Дина на Матеј дека нејзе ѝ е забавно да ги гледа другите додека возат скејтборд. Но, кога вози Борко, тоа е друга приказна…
– Здраво – рече некој зад неа.
Дина се помести од место. Толку многу се исплаши што помисли дека секој миг ќе се струполи наземи. Пред неа стоеше Борко, со пламениот скејтборд во рацете.
– Сакаш ли да пробаш да го возиш мојот скејтборд? – ја праша Борко.
– Јас?! – се збуни Дина. – Јас и скејтборд, тоа не оди заедно… плус немам шлем, штитници…
– Јас ќе ти ги позајмам моите. Ајде, обиди се, лесно е…
– Мислиш дека ќе ме убедиш да слезам во скејтборд-арената?! И од сите страни да ми „летаат“ скејтборди? Тоа нема да се случи.
– Нормално дека нема – ѝ врати Борко. – Арената не е за почетници, обиди се тука, на рамно и право… Јас ќе ти помогнам…
„Да се обидам ли?“, размислуваше Дина. „А, што ако паднам тука пред сите?! Не, не, подобро не.“
– Да, да – викна Борко како да ѝ ги читаше мислите.
– А, што ако паднам?
– Ако паднеш, пак ќе станеш… И повторно ќе се обидеш. Паметиш кога лани летото ме прашуваше зошто носам долги панталони среде лето?
– Да, навистина – се насмеа Дина – толку беше топло, а ти…
– А јас бев целиот со модринки и гребаници од „падни–стани“….
Дина се насмеа гласно:
– Сепак, не, Борко, не сакам летото да ми помине во долги панталони…
Но затоа може заедно да се возиме…
– Како мислиш заедно?
– Така, јас на ролерки, ти на скејтборд, па да вртиме кругови низ паркот.
– Може! – се израдува Борко. – Да, може – зборуваше како да не знаеше да каже ниту еден друг збор освен „може“.
– Тогаш, утре по часови ќе го возиме првиот почесен круг?! – праша Дина.
– Може, да, може… – повторуваше Борко.
Дина се закикоти, а Борко замолче гледајќи право во нејзините очи. И на двајцата образите им „светнаа“ во црвено.
Се прашувам зошто. Што мислите вие?

Ксенија Маказлиева Трајчева