Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со презентација на докази од телефонски апарати на дел од обвинетите, комуникации меѓу нив, како размена на пораки на „Фејсбук“, „Вибер“ и „Месинџер“, во судницата во „Идризово“ денеска продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, пренесува МИА.

Од одбраната имаше реакции дека во дел од презентираните документи никаде не се спомнува „Пулс“.

Воедно, еден од адвокатите рече дека по обвинетите се плука во медиумите, биле нарекувани со погрдни зборови, а во една комуникација, како што рече, еден од обвинетите и еден од оштетените разговарале за тоа да се пушти малолетната ќерка во „Пулс“, доказ за кој, како што рече, бара да се презентира уште еднаш.

– Од доказите на Обвинителството ни останаа уште градежните вештачења и градежните вештаци – рече судијката Дијана Груевска-Илиевска на крајот од денешното рочиште.

По изведувањето на доказите на Обвинителството, материјални докази и сведоци ќе изведува и одбраната, која, како што најави, има и две вештачења.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“, кој се случи во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, животот го изгубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

Следното рочиште е закажано за 14 јули.