Бројот на загинатите во двата разорни земјотреси што пред две недели ја погодија Венецуела се искачи на 3.535 лица, според најновите официјални податоци, пренесува „Ен-би-си њуз“.
Земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала ја потресоа Венецуела на 24 јуни, по што следуваа бројни послаби последователни потреси. Најтешко погодена е крајбрежната сојузна држава Ла Гуаира, каде илјадници луѓе сè уште се водат како исчезнати.
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања соопшти дека ОН и нивните партнери продолжуваат да ја зголемуваат помошта за погоденото население.
Спасувачките тимови и понатаму се на терен, а во земјата пристигнуваат дополнителни специјализирани екипи, меѓу кои медицински и инженерски тимови, кои учествуваат во пребарувањето, спасувањето и проценката на штетите.
Според информациите на ОН, постепено се нормализира снабдувањето со основни услуги, вклучително електричната енергија и телекомуникациските врски.
За луѓето кои останаа без своите домови отворени се најмалку 79 привремени центри за сместување, организирани во стадиони и спортски сали, каде се обезбедува згрижување и се дистрибуира хуманитарна помош.
Во силните земјотреси околу 17.000 луѓе останаа без покрив над главата, додека спасувачките операции и понатаму продолжуваат.
































