ИНТЕРВЈУ: ДИМИТАР ЛАБУДОВИЌ, ТЕНИСКИ ТРЕНЕР
- Се надевам дека овој резултат на Ѓорческа ќе инспирира повеќе деца да се запишат да тренираат тенис, што би било најголема придобивка за иднината на македонскиот тенис, вели Димитар Лабудовиќ, тренерот на Лина Ѓорческа
Во тенисот е 32 години, како тренер веќе 17 години, бил јуниорски и Дејвис-куп репрезентативец на Македонија, а сега е тренер на нашата нова спортска хероина, Лина Ѓорческа, која неодамна стана прва во тенисот во Македонија (мажи и жени) што настапила во поединечна конкуренција на гранслем-турнир, во Вимблдон, и, секако, еден од најзаслужните за нејзините досегашни успеси. Станува збор за Димитар Лабудовиќ, селектор на женската тениска репрезентација на Македонија и поранеше државен првак во сите категории додека активно играл тенис. Лабудовиќ во разговор за „Нова Македонија“ говори за големиот успех на Ѓорческа, нејзината понатамошна играчка иднина, колку е потребен труд за ваков успех, што треба да се стори за македонскиот тенис да има повеќе квалитетни играчи…
Што претставува настапот на Ѓорческа на гранслем-турнирот Вимблдон за Вас, за неа и за македонскиот тенис воопшто?
– За Лина и за мене како нејзин долгогодишен тренер, секако дека претставува остварување на една од најголемите цели во нејзината кариера. Се надевам дека овој резултат ќе инспирира повеќе деца да се запишат да тренираат тенис, што би било најголема придобивка за иднината на македонскиот тенис.
Колку напорни тренинзи и пролеана пот се потребни за да се стигне до учество на еден гранслем-турнир?
– Да се биде дел од гренслем-турнир значи да се биде во најдобрите 200 играчи на светот. Достигнувањето на тој ранг бара големи откажувања и подредување на своите тениски цели. Часови и часови во тренажен процес и безброј патувања по турнири низ светот. Да се биде тренер кога играчот ја остварува најголемата цел во кариерата и го постигнува најдобриот резултат е голема привилегија и задоволство за мене. Секако дека верував и верувам во неа. Мал круг луѓе (семејството) веруваа во неа кога, можеби, за жал, некои и ја отпишаа и токму затоа овој успех е посебен. Овој турнир покажа дека Лина може да игра со секого. Гледајќи ги другите мечеви од главниот турнир на Вимблдон останува и жал за подобра ждрепка, меѓутоа тоа веќе не може да се промени. Патот е тој, сега знаеме како треба и се надевам дека може да се повтори ова веќе на гранслем-турнирот САД опен.
Што сѐ треба да се стори, според Вас, за македонскиот тенис да добие што поквалитетни тенисери и тенисерки, кои во иднина ќе постигнуваат повеќе успеси на челенџ-турнирите, но и да настапуваат на гранслем-турнири?
– Македонскиот тенис мора да има подобар систем на премин од јуниорски во професионален тенис. За жал, тој пат играчите го поминуваат сами со поддршка од родителите и од нивните индивидуални тренери. Не научивме од патот на Лина, која со поддршка од тимот и од семејството 15 години е во професионалниот тенис и постигнува резултати што засекогаш ќе останат запишани во историјата на македонскиот спорт. Потребен ни е национален центар во кој сите млади талентирани играчи би се развивале под палката на најдобрите тренери во Македонија. Ние имаме тренери од највисоко ниво, но, за жал, сите се надвор од Македонија, бидејќи тука не се доволно вреднувани. Кога ќе го смениме тоа, ќе имаме повеќе играчи на АТП и ВТА-турнирите. Нашите јуниори по средното училиште најчесто се одлучуваат за колеџ во САД. На тој начин го губиме потенцијалот на голем број тенисери. Доколку тие се развиваа во рамките на еден веќе изграден домашен систем, никогаш немаше да се прашуваме до каде навистина се нивните крајни можности. Искрено се надевам дека ќе згрешам, но мислам дека на нова Лина ќе се начекаме уште долг период во двете конкуренции.
Како го прославивте овој настап во Вимблдон и имаше ли Македонци што Ве посетија по натпреварот?
– Им благодарам на малиот број Македонци што дојдоа и за време на квалификациите и на главниот турнир. Убаво е да се види поддршка од наши луѓе секаде каде што одиме, бидејќи спортистите на најубав начин ја претставуваат државата. Немавме премногу време за славење, оти за десетина дена повторно почнуваат нови турнири.
Кој, според Вас, ќе победи на годинашниов Вимблдон?
– Кај жените мислам дека ќе слави Арина Сабаленка. Кај мажите би сакал тоа да биде Новак Ѓоковиќ, бидејќи можеби Вимблдон е единствената шанса за него да освои гранслем-трофеј, но мислам дека меѓу Јаник Синер и Александер Зверев треба да се бара победникот.
ТЕНИС – МАКЕДОНИЈА ОПЕН 202
Пехарите ги освоија Ивановски, Марковски и Србљак
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски (1.148 на АТП-листата) го освои првото место на годинашново издание на меѓународниот турнир „Македонија опен 2026“, кој се играше на терените на ТК Југ во Скопје. Тој во финалниот меч вчера го победи Владислав Орлов (493) од Украина со 6-1, 0-6, 6-2 и со тоа го освои победничкиот трофеј. Обрад Марковски и Горазд Србљак, пак, го освоија првото место во конкуренција на двојки, еден ден порано. Тие во финалниот меч за 79 минути ја совладаа бугарската комбинација, Никола Керемедчиев и Давид Симеонов, со 7-5 и 6-4. Марковски и Србљак истиот ден претходно го одиграа и полуфиналниот дуел и забележаа победа со 2-0 во сетови против Николас Бруна од Чиле и Франциско Томас Гешвинд од Аргентина. Г.И.































