Под водство на маестро Сашо Татарчевски, Женскиот младински хор при МКЦ во јуни оствари учества на два реномирани меѓународни фестивала.
На веќе традиционалниот фестивал „Вокс Лихнидос“ во Охрид, во безвременската катедрална црква „Света Софија“, нашиот хор настапи на 20 јуни со интересна програма составена од квалитетни хорски аранжмани на џез и популарна музика. Освен Женскиот младински хор при МКЦ, на фестивалот учествуваа уште два македонски хора, како и четири хора од Србија и од Словенија.
По специјална покана на домаќините, нашиот хор учествуваше и на меѓународниот фестивал „Лет ит би самар“ во Бургас, Бугарија. На овој голем настан, хорот се претстави со три различни програми на три концертни настапи. Од македонските автори беа застапени Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски, а беа изведени и композиции од Хоги Кармајкл, Оливер Худ, Харолд Арлен, АББА, Џони Мерсер, Ричард Роџерс и други. Освен самостојните настапи, девојките од хорот учествуваа и во ателје на кое се работеа две нови композиции заедно со сите други учесници. Својата премиерна изведба тие композиции ја имаа на гала-концертот организиран на крајот од фестивалот.
Настапите на Женскиот младински хор при МКЦ се одвиваа во големиот летен театар во морската градина на Бургас, како и во новиот културен центар на градот. Како и секогаш, реакциите и коментарите на публиката и на другите учесници на настаните каде што Женскиот младински хор при МКЦ учествува се во суперлативи. Овој интензивен период хорот ќе го заврши вечерва со настап во рамките на фестивалот „Драган Шуплевски“, кој оваа година се одржува во музејот на Македонската борба за самостојност во Скопје.

































