Руската армија го информирала претседателот Владимир Путин дека ја презела контролата врз Костјантинивка во источна Украина, клучното место за Москва во офанзивата во областа Донецк, пренесоа новинските агенции.
За освојувањето на стратешкиот град објави генерал Валериј Герасимов, началник на рускиот Генералштаб.
Тој рекол дека силите на јужната група спроведуваат офанзивни операции за „ослободување“ на целиот Донецк, дел од поширокиот регион Донбас над кој Русија вети дека ќе обезбеди контрола како клучна цел на своите воени напори.
„Војниците на оваа група го ослободија градот Костјантинивка, еден од главните одбранбени центри на непријателот во рамките на утврдената област Славјанск-Краматорск-Костјантинивка“, изјавил генералот.
Руското Министерство за одбрана објави фотографии на апликацијата Телеграм за кои тврди дека прикажуваат сцени од Костјантинивка, вклучувајќи слики од руски војници кои држат знамиња покрај уништени згради.
Рускиот претседател Владимир Путин го поздравил успехот на руската армија.
„Сите знаеме дека овој град е клучен сообраќаен и голем индустриски центар на Донбас“, изјавил Путин на средба со воената команда.
Руските сили мора да ги прошират безбедносните зони како одговор на засилените украински напади со долг дострел, главно насочени против руската нафтена индустрија, пишуваат британските медиуми.
Украина сè уште не го коментирала руското тврдење за освојувањето на Костјантинивка.
Руската војска веќе некое време тврди дека нејзините војници контролираат делови од тој град, еден од неколкуте што сочинуваат мрежа од клучни утврдувања во украинската одбрана на регионот.

































