Фото: „Нова Македонија“

Поранешниот шеф за надворешната политика на ЕУ, Жозеп Борел, упати најостра јавна критика досега за растечката улога на Европската комисија во дипломатијата и одбраната, тврдејќи дека таа ги надминува своите договорни овластувања и создава забуна околу тоа кој зборува во име на Европа на светската сцена. Во интервју за „Политико“, Борел рече дека сè повеќе преклопувачките улоги на комисијата и Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), дипломатската гранка на ЕУ што ја водеше тој од 2019 до крајот на 2024 година, создадоа „доста хаос“ во машинеријата за надворешна политика на блокот.
– Комисијата не зборува претставувајќи ја Европската Унија, комисијата ја претставува само комисијата – рече Борел.
Коментарите претставуваат најјасна јавна опомена досега од поранешен врвен дипломат на ЕУ за долготрајната институционална борба што тлееше под претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен. Додека сегашните и поранешните функционери приватно се жалеа дека комисијата постојано го проширува своето дипломатско влијание, Борел е првиот поранешен висок претставник што отворено и директно тврди дека извршната власт на ЕУ, чуварот на договорите, всушност ја преминала линијата утврдена во правото на ЕУ.
Искусниот политичар, чија кариера вклучува мандати како министер за надворешни работи на Шпанија и претседател на Европскиот парламент, ѝ претходеше на Каја Калас како шеф на ЕЕАС. Како и Калас, тој имаше несогласувања со Фон дер Лајен.
Борел ретко се воздржува од силни мислења. Тој често беше отворен критичар на Израел, па односите на комисијата со Израел и натаму се нејасни и во неизвесност. Борел посочи на примерот на еврокомесарката за Медитеранот Дубравка Шуица, која минатата недела се сретна со израелски претставници само неколку дена откако израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар ги прекина врските со Калас, поради извештаите дека таа го споредила израелскиот третман на Палестинците со Јужна Африка од времето на апартхејдот. Ова, рече Борел, покажува дека комисијата претерува и стапнува на прстите на ЕЕАС.
– Со кое овластување еден комесар оди во Израел, за да каже дека ЕУ и Израел се сакаат, се согласуваат и ја слават улогата на Израел во мирот и стабилноста, кога во исто време високиот претставник на ЕУ за надворешна политика е забранет од Израел – рече Борел.
Тој го цитираше договорот на ЕУ, во кој се наведува дека комисијата „ќе обезбеди надворешно претставување на Унијата“, но „со исклучок на заедничката надворешна и безбедносна политика“.
За Борел, постои јасна разлика помеѓу надворешната димензија на политиките на ЕУ, за која е задолжена комисијата, и надворешната политика на ЕУ, која е во рацете на националните престолнини.

– Секако дека комисијата има политики што имаат надворешна димензија. Но ова е едно, а друго е да се преправаме дека ја поставуваме и дефинираме позицијата на Унијата во војната против Иран или во израелско-палестинскиот конфликт и другите конфликти на Блискиот Исток. Ова не се надворешни односи. Ова е надворешна политика… ако сакате да утврдите заедничка позиција во надворешната политика, тогаш одете во Советот (каде што земјите членки имаат надлежност за надворешната политика – н.з.) – рече Борел.
Калас и Борел честопати имаа тежок однос со Фон дер Лајен. Шпанскиот социјалист честопати заземаше критички став кон Израел, додека критичарите ја обвинуваа германската конзервативна претседателка на комисијата дека е премногу блиска со Тел Авив.
Борел во интервјуто се присети и како, во 2021 година, Фон дер Лајен и тогашниот претседател на САД, Џо Бајден, го започнаа Советот за трговија и технологија меѓу ЕУ и САД, форум за трансатлантска координација за трговијата и технологијата.
– Од страна на САД претседаваше државниот секретар Ентони Блинкен. Од страна на Европската Унија, високиот претставник дури и не беше член – посочи тој.
За Борел, истата институционална тензија сега се појавува во одбранбената политика.
– Доколку денес бев висок претставник и седев на маса каде што некој вели ќе ја изградам европската одбранбена унија, тогаш би се чувствувал малку непријатно – кажа Борел.
Тоа е затоа што, според него, комисијата ја пречекорува и својата улога во одбраната, која, како и надворешните работи, е надлежност на земјите членки.
Во 2024 година, Фон дер Лајен го назначи првиот комесар за одбрана, поранешниот литвански премиер Андриус ​​Кубилиус. Во своето писмо за мисија, таа му зададе задача да изгради Европска одбранбена унија. Ова е уште еден доказ дека комисијата „јасно ја проширила волјата да биде таа што е задолжена за надворешната и безбедносната политика“, рече Борел.
Во теорија, Кубилиус е „само комесар за одбранбената индустрија“, што е во согласност со овластувањата на комисијата врз политиките како што е регулирањето на пазарот. Но „очигледно тоа не е случај“, посочи Борел, осврнувајќи се на мисијата на Кубилиус за воспоставување европска одбранбена унија.
– Ова е задачата што договорот му ја дава на високиот претставник – истакна Борел, посочувајќи ги сличностите помеѓу европската одбранбена унија и заедничката безбедносна и одбранбена политика, постојната рамка на ЕУ за одбрана и управување со кризи.
– Ако започнете да ја градите оваа институционална поставеност, конфликтот е таму, тој е неизбежен – рече тој, тврдејќи дека системот „мора да се разјасни“.
Комисијата не одговори на барањето за коментар.