ФУДБАЛ – СП 2026
- Вечерва почнуваат мечевите за пласман во четврт-финалето, со дуелот Канада – Мароко. Осминафиналисти на минатото СП и годинава се репрезентациите на Мароко, Франција, Бразил, Англија, Португалија, Шпанија, САД и на Швајцарија, а за нов пласман меѓу 16-те најдобри синоќа играа и Аргентина и Австралија
Со натпреварот меѓу Канада и Мароко, вечерва од 19 часот, почнува новата рунда нокаут-средби на фудбалското Светско првенство (СП) што се игра во САД, Мексико и во Канада. Вечерва е и мечот Парагвај – Франција од 23 часот, а другите осминафинални средби на програмата се од утре до вторник навечер, по што ќе следува првиот слободен ден пред четвртфиналните дуели на годинашниот планетарен шампионат.
Досега познати двојки од осминафиналето се и Бразил – Норвешка (утре од 22 часот), Мексико – Англија (в понеделник од 2 ч.), Португалија – Шпанија (в понеделник од 21 ч.) и САД – Белгија (во вторник од 2 ч.). Швајцарија го чека победникот од средбата Колумбија – Гана, кои играат утринава од 3.30 часот, а меѓу себе ќе играат и победниците на средбите синоќа Австралија – Египет и Аргентина – Зелено`ртски Острови.
Досега меѓу 16-те најдобри селекции се пласираа осум што играа во осминафиналето и на СП 2022. Осминафиналисти на минатото СП и годинава се репрезентациите на Мароко, Франција, Бразил, Англија, Португалија, Шпанија, САД и на Швајцарија, а за нов пласман меѓу 16-те најдобри синоќа играа и Аргентина и Австралија, кои меѓу себе играа во осминафиналето на СП 2022.
Од овие репрезентации само Бразил секогаш играл најмалку во осминафиналето на СП, откако таа фаза се игра на планетарните првенства, од Мундијалот во 1986 година.
Од првиот барабан пред влечењето на ждрепката за формирање на групите на СП 2026, во кој беа 12 репрезентации, пласман понатаму по мечевите одиграни до вчера рано наутро во шеснаесеттина финалето остварија девет селекции, и тоа САД, Мексико, Канада, Шпанија, Франција, Англија, Бразил, Португалија и Белгија. Од другите познати осминафиналисти Мароко и Швајцарија беа во вториот барабан, а Норвешка и Парагвај во третиот. Од селекциите што играа синоќа за влез во осминафиналето, Аргентина беше во првиот барабан, Колумбија и Австралија во вториот, Египет во третиот, а Зелено`ртските Острови и Гана во четвртиот.
Според ранг-листата изготвена во живо од Светската фудбалска федерација (ФИФА) по досегашните средби, одиграни до вчера рано наутро, Франција моментно е прва (напредок од две места), пред Аргентина, Шпанија, Англија, Бразил, Мароко, Португалија, Холандија, Белгија, Мексико… Од првите 10 на таа ранг-листа во живо на ФИФА осум се во осминафиналето, а Аргентина играше синоќа. Според таа ранг-листа, најголем напредок досега остварија Норвешка (10 места), Гана (осум), Парагвај (седум), Јужна Африка (шест)… Н.М.

































