Фото: „Нова Македонија“

ГОЛЕМАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА НАТО ЌЕ ИМА ПОСЛЕДИЦИ И ЗА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

  • Додека Алијансата се подготвува за најголемото воено и политичко преструктурирање од крајот на Студената војна, земјите од Балканот влегуваат во нова безбедносна реалност во која ќе има повеќе обврски, но и нови стратегиски можности.

Концептот НАТО 3.0, кој го промовира генералниот секретар Марк Руте, не претставува само внатрешна реформа на Алијансата. Тој директно ќе влијае врз безбедносната архитектура на целиот Балкан, регион што и по три децении од војните во поранешна Југославија останува еден од најчувствителните геополитички простори во Европа.

Како што споменаа нашите соговорници во претходниот текст, „новата стратегија на НАТО подразбира поголеми воени капацитети, зголемени буџети за одбрана и подлабока интеграција на армиите на земјите членки“.
– За Балканот тоа значи дека регионот повеќе нема да биде периферија на Алијансата, туку дел од пошироката линија на безбедносна стабилност што се протега од Балтикот преку Црно Море до Источниот Медитеран. Во такви околности Македонија добива нова улога – тврдат соговорниците.

ОД ПОЛИТИЧКО ЧЛЕНСТВО КОН РЕАЛНИ БЕЗБЕДНОСНИ ОБВРСКИ

Изминатите години членството во НАТО за Македонија најчесто се доживуваше како политичка гаранција за безбедност и меѓународна стабилност.
– Сега овој момент се менува. Имено, со НАТО 3.0 се менува таа логика. Од секоја членка ќе се очекува конкретен придонес во колективната одбрана. Тоа подразбира поголеми инвестиции во вооружување, модернизација на армијата, развој на сајбер-одбраната и учество во заедничките воени планови на Алијансата. Практично, членството ќе стане многу пооперативно и многу поконкретно и за во реални ситуации отколку како досега – симболично – тврдат генералите.

МАКЕДОНИЈА КАКО ЛОГИСТИЧКИ ЈАЗОЛ НА ЈУЖНОТО КРИЛО

Поради својата географска положба, Македонија добива дополнително значење во новите планови на НАТО.
– Коридорите што ја поврзуваат Централна Европа со грчките пристаништа на Егејот стануваат важни за воената мобилност на Алијансата. Затоа и мотивацијата што доаѓа од Брисел, кога се работи динамично на коридорите, особено на коридорот Запад-исток, односно коридорот 8 – велат нашите соговорници, додавајќи дека „во услови кога НАТО планира побрзо префрлање на сили и опрема низ Европа, патната, железничката и енергетската инфраструктура на Македонија може да добие нова стратегиска вредност. Тоа би можело да значи и поголеми инвестиции во транспортните коридори, комуникациските системи и логистичките капацитети“.

НОВИ МОЖНОСТИ, НО И НОВИ ТРОШОЦИ

НАТО 3.0 би требало за Македонија да носи и одредени придобивки. Поголемата интеграција во безбедносните структури на Западот значи пристап до нови технологии, обуки, заеднички проекти и модернизација на вооружените сили. Но истовремено доаѓа и цената на таа интеграција. Ќе растат очекувањата за поголеми издвојувања за одбрана во време кога многу европски држави се соочуваат со економски предизвици и социјални притисоци. Токму затоа дебатата за безбедноста сè повеќе ќе стане и дебата за буџетските приоритети, тврдат нашите соговорници.

НОВА РЕАЛНОСТ ЗА МАЛИТЕ ДРЖАВИ, А МАКЕДОНИЈА МОЖЕ НАЈДОБРО ДА ГО АНТИЦИПИРА ТОА. ЗОШТО?

Светот, преку НАТО 3.0, според нашите соговорници, повторно влегува во период на блоковска политика.
– Сметаме дека суштината на НАТО 3.0 е дека светот повторно влегува во период на „блоковска политика и долгорочна геополитичка конкуренција“. Мултиполарна, но сепак тоа е поларизирана. За малите држави како Македонија тоа значи дека безбедноста повеќе нема да се подразбира сама по себе. Таа ќе бара поголема подготвеност, повеќе ресурси и поактивна улога во колективните механизми на Алијансата. Токму во тој контекст, најавената трансформација на НАТО не е далечен процес што се случува во Брисел или Вашингтон. Таа постепено ќе се чувствува и во Скопје – преку буџетите, инфраструктурата, армијата и стратешките приоритети на државата. Затоа прашањето не е дали НАТО 3.0 ќе влијае врз Македонија, туку колку брзо и колку длабоко ќе се одразат тие промени врз иднината на земјата и на целиот Балкан, но тоа треба да го антиципираме, а имаме можност за тоа, а потоа здраво да го проанализираме и на крајот да донесеме крупни одлуки во кои секако приоритет би биле нашите национални интереси, пред сѐ и над сѐ – истакнуваат нашите ценети соговорници. Р.С.