Хрватска денеска му постави на Израел краен рок до 11 јануари за надминување на недоразбирањата со САД околу продажбата на 12 авиони од типот „Ф-16 Барак“ на хрватското Воено воздухопловство.
Како што јави ДПА, хрватското Министерство за одбрана соопшти дека најдоцна до 11 јануари Израел „ќе мора да обезбеди дозвола од САД и да ги испорача авионите согласно договреното“.
Хрватска и Израел лани во март потпишаа договор за продажба на 12 израелски авиони на Загреб за сума од 445 милиони долари, но бидејќи станува збор за летала од американски производство надградени и модернизирани во Израел, за нивна продажба на трети земји потребена е согласност од САД.
– Доколку Хрватска не може да ги добие авионите што ги одбра, ќе ја поништи набавката на повеќенаменските летала, се наведува во соопштението на хрватското Министерство.
Хрватска е членка на НАТО од 2008 година.