Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија е отворена изложбата „Архивски документи“ од реномираната македонска уметница Жанета Вангели, во организација на Македонскиот КИЦ во Софија и Националната галерија на Македонија. Изложбата се состои од објекти, дигитален печат, аудиозаписи, фотографии, селектирани внимателно за изложбата и соодветната приказна што ја нуди.
– Предизвик е да се пишува за ваква голема и значајна уметница, провокација е изборот од нејзиниот творечки, уметнички фундус да се преточи во соодветна приказна. Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нѐ воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност. Оваа нејзина изложба е, всушност, една сублимација на главните интересни зони што се во нејзиниот фокус, кон една метафизичка манифестација во време-просторот што таа го сведочи. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното. Оваа непоколебливост низ ликовниот говор ја претпоставува позитивната мера на препознавањето на посветеноста. Соодветното разбирање на моментот, на изложбата се толкува како виртуелно читање на прикажаната сцена, предмет, лик… уредена и приспособена со значително мотивирана желба, изразено вистинско присуство во композицискиот систем – пишува за изложбата Маја Крстевска, виша кустоска од Националната галерија на Македонија.
Хармонично организираниот простор резултира со визуелна композициска сразмерност, особено во симболичните и асоцијативно моделирани површини.
– Вангели е уметница што без разлика дали станува збор за објект, плотер-уметност, аудиоуметност или фотографија, мотивирана е од желбата да го максимизира или минимизира прикажаното, во корелација со основниот објект, приспособен на површината. Нејзината независност дава богат придонес кон историјата на слободата и со целосна задлабоченост ја развива уметноста кон конкретна фактичност. Ќе го наведам делото „Алтруистичка перница“, претставено на оваа изложба, кое на плотер-принт ја развива историјата на одредена уметничка логика со модифицирана мајсторска сторија – вели Крстевска.
Жанета Вангели дипломирала на Државниот факултет за ликовни уметности „Штеделшуле“ во Франкфурт/Мајна во 1988 година. До 2008 година работи како независна уметница. Од 2008 година работи како професорка на катедрата за сликарство и трансмедиумски практики на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирала самостојни изложби во Скопје, Битола, Белград, Франкфурт/Мајна, Келн, Њујорк, Стокхолм, Аделаид и Хангжу. Нејзините дела се дел од приватни и јавни колекции, како во Музејот на современата уметност во Скопје, Националната галерија на Македонија во Скопје, Музејот на модерна и современа уметност во Риека, центарот „Андре Малро“…


































