Министерството за внатрешни работи соопшти дека во целост е расчистен случајот со опожарувањето на две дипломатски возила во сопственост на Амбасадата на Бугарија во Скопје, што се случи на 15 јуни.
Од МВР информираат дека Одделението за криминалистички работи – Центар и Бит Пазар вчера поднело кривична пријава по итна постапка против 44-годишниот И.Д.С. од Скопје, поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело „предизвикување општа опасност“.
Според полицијата, во текот на истрагата биле обезбедени повеќе материјални докази, меѓу кои снимки од видео надзор од неколку локации, како и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
– Во полициска станица, осомничениот го признал извршувањето на кривичното дело“, соопштија од МВР.
Надлежните институции продолжуваат со понатамошната постапка во координација со Основно јавно обвинителство во Скопје, кое ќе одлучува за следните процесни чекори во случајот.
Инцидентот предизвика реакции во јавноста и осуди од државниот врв, со пораки дека насилството и оштетувањето на имот на дипломатски претставништва нема да бидат толерирани.


































