Приказната за лековите GLP-1 станува сè попопуларна бидејќи, по трансформирањето на третманот на дијабетес и промената на културата на слабеење, сè поголем број истражувања сугерираат една неверојатна можност. Повеќе од 40 нови студии покажаа дека пациентите што земаат лекови за слабеење имаат помала веројатност да развијат одредени видови рак, додека оние на кои веќе им е дијагностициран доживуваат побавно напредување на болеста.
На годинашниот состанок на Американското здружение за клиничка онкологија во Чикаго, експертите буквално беа преплавени со податоци за врската помеѓу лековите GLP-1 и ракот, а резултатите беа впечатливо конзистентни. Според обемната анализа на „Вашингтон пост“, овие лекови ги замаглуваат границите помеѓу различните болести, принудувајќи ја медицината да се запраша дали истата биологија дејствува кај дијабетесот, срцевите заболувања, деменцијата и ракот. Иако научниците повикуваат на претпазливост додека не се спроведат ригорозни клинички испитувања, акумулираните докази за намален ризик од тумори на дебелото црево, дојката и белите дробови не може да се игнорираат.
Врската помеѓу дебелината и ракот е едно од највоспоставените откритија во епидемиологијата и вклучува дури 13 вида на рак. Вишокот телесни масти не е само „тежина“ туку и биолошки активно ткиво што произведува хормони и воспалителни молекули, кои диктираат како клетките, вклучувајќи ги и туморските клетки, растат, се делат и се обновуваат. Но новото истражување сугерира дека лековите GLP-1 би можеле да дејствуваат дури и независно од губењето на тежината, со намалување на воспалението и менување на метаболичките патишта.
Гилберто де Лима Лопес, раководител на Одделот за медицинска онкологија на Универзитетот во Мајами, истакнува дека овие наоди совршено се вклопуваат во пошироката слика. Според него, лековите GLP-1 сѐ повеќе личат на „вистински лек за долговечност“ бидејќи влијаат на биолошките процеси на начини што ние штотуку почнуваме да ги разбираме.



































