Од наш агол
- Државниот суверенитет не е само прашање на граници и територија. Суверенитет е и правото народот сам да си го избере името. Суверенитет е и правото сам да го именува својот јазик. Суверенитет е и правото сам да ја толкува сопствената историја. Суверенитет е и сам да си создаде правна инфраструктура во својата држава и создаденото право да владее во истата своја држава, без некој да му наметнува однадвор да го менува тоа, вклучувајќи го и Уставот!
Во меѓународната политика постои едно непишано правило. Државата може да преживее и санкции и блокади и економски притисоци, но тешко ќе преживее кога ќе почне да се сомнева во сопствениот идентитет.
Додека светот денес расправа за Крим, Донбас, Украина и Русија, Македонија веќе три децении живее една поинаква, но не помалку драматична битка. Тоа е битка за правото да си се нарекува она што си е вистински, историски, културно, јазично, политички, национално-идентификациски…
Во руско-украинскиот спор предмет на оспорување се територии. Во македонскиот случај предмет на спор стана самиот народ!
На Македонија најпрво ѝ беше оспорено вековното име. Па знамето. Па потоа беше условена да го промени уставното име како цена за отворање на евроатлантската врата. Потоа дојде новата фаза – оспорување на јазикот, историјата, културното наследство и, на крајот, на самото постоење на македонската нација како историски субјект.
И тука веќе не станува збор за унилатерално наметнување еден обичен дипломатски спор. Кога една држава е присилена да им објаснува на меѓународната јавност и на оној што оспорува од кога постои и на каков јазик зборува, тогаш веќе не разговараме за историја. Разговараме за наметната моќ, сила, уцена, ултиматум… Кога официјална Софија тврди дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, не се оспорува лингвистиката. Се оспорува правото на самоидентификација. Го разбира ли ова Брисел или не?! Го разбра ли ова Вашингтон или Москва? Кога се тврди дека македонскиот народ е политичка конструкција од 1944 година, не се води научна расправа. Се доведува во прашање историскиот континуитет на една нација. А ова? Доволно ли е разбирливо за нив?! Бидејќи за нас, а и за друг дел на светот е разбирливо и правно и политички издржано! Тогаш, има ли воопшто некаква логика да се продолжат разговорите?! Или уште покатастрофално: да се попушта уште повеќе од страна на официјално Скопје?!
Кога европската интеграција станува условена со прифаќање туѓи историски и идентитетски толкувања, тогаш оправдано се поставува прашањето дали Европа бара реформи или бара ревизија на колективната меморија на еден народ?!
Ниту една современа европска држава не би прифатила соседот да ѝ го дефинира јазикот, народот или историското потекло како предуслов за политичка интеграција. Зошто тогаш тоа се очекува од Македонија?
Правно, оспорувањето на идентитет претставува повреда на јус когенс. Но кога систематски се негира правото на еден народ самиот да се дефинира, тогаш неизбежно се отвора прашањето за судир со принципот на самоопределување – еден од темелите врз кои почива современиот меѓународен поредок. Државниот суверенитет не е само прашање на граници и територија.
Суверенитет е и правото народот сам да си го избере името.
Суверенитет е и правото сам да го именува својот јазик.
Суверенитет е и правото сам да ја толкува сопствената историја.
Суверенитет е и сам да си создаде правна инфраструктура во својата држава и создаденото право да владее во истата држава, без некој да му наметнува однадвор да го менува, вклучувајќи го и Уставот!
Без тие елементи државата може да има знаме, влада и столче во Обединетите нации, но суштински да остане со ограничен политички капацитет да го брани сопствениот идентитет.
Затоа македонското прашање денес не е само национално прашање. Тоа е тест за европските стандарди. Ама воедно и наш тест. Тест за тоа дали правото на правниот суверенитет важи за сите или само за некои. Тест за тоа дали суверената еднаквост е реален принцип или дипломатска фраза. Или пак ќе дозволиме „да ни влезат во џигерот“ и да ни го реконструираат Уставот по нивна замисла?
Ова е и тест за тоа дали во XXI век е дозволено еден народ да биде принуден да преговара за она што за секој друг народ се смета за природно и неотуѓиво право да одлучува сам за својата судбина.
Точно дека историјата покажува дека државите најлесно губат со пораз во војна.
Но уште полесно губат дел од себе кога ќе бидат убедени дека треба да се откажат од сопственото име, сопствениот јазик и сопственото историско паметење, сопствените принципи и убедувања преточени во Уставот и законите и сопственото откажување тоа востановено право да не се владее суверено во рамките на границите на својата национална држава. Тогаш проблемот повеќе не е правен. Тогаш тој проблем прераснува во повеќеслоен. И домашен (до нас самите), но и општо цивилизациски (бидејќи меѓународната заедница дозволува да исчезнува еден народ и една стара цивилизација. Македонската!). Р.Н.М.


































