ОДБОЈКА
Три македонски клуба, шампионот во машка конкуренција Штип УГД, шампионот кај дамите Работнички Скопје и четвртопласираниот тим во Првата лига за жени, Јанта волеј Кисела Вода, аплицираа за настап во европските клупски купови во сезоната 2026/2027, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Штип УГД се пријави за настап во Лигата на шампионите (ЛШ) и тоа ќе биде премиера во најсилното европско клупско натпреварување, откако лани дебитира во Челинџ-купот.
Работнички Скопје, пак, петта година во низа ќе биде дел од европските купови, три години играше во ЛШ, а лани во Челинџ-купот, каде што ќе се врати и во сезоната 2026/2027. Јанта волеј КВ ќе се обиде преку специјална покана да обезбеди учество во Челинџ-купот, пишува ОФМ. Клубот имаше одлична премиера во елитата во претходното првенство, а сега ќе се обиде да држи чекор во Европа во третото по квалитет клупско натпреварување. Пријавените екипи Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ќе ги потврди до крајот на јуни, а за 15 јули е закажана ждрепката во сите три клупски натпреварувања, пишува ОФМ. Г.И.


































