Фестивалот на француски филм „Корзика во фокус“ почнува вечерва, во 19 часот, во киното „Синеплекс“. И ова издание, кое ќе трае до 20 јуни, е посветено на современата француска филмска кинематографија, која се одликува со креативност, автентичност и динамика и е еден од најинтересните гласови на европската кинематографија. Ова издание, кое повторно се организира по пауза од девет години, ќе понуди четири значајни филмски остварувања, но и единствена можност за средба со режисерите и актерите. Гости на фестивалот се режисерите Жилиен Колона, Тјери де Перети и Фредерик Фаручи, како и актерите Алекси Мананти и Андреа Коси. Тие ќе се сретнат со македонската публика по проекциите, а нивното присуство ќе придонесе фестивалот да биде не само филмски настан туку и простор за размена и дијалог.
Покрај проекциите, во рамките на фестивалот се предвидуваат и професионални средби на француските синеасти со домашните филмски професионалци и со студентите од Факултетот за драмски уметности. Ова издание се одржува во особено значаен контекст за француско-македонската културна соработка.
Имено, потпишувањето на меморандумот за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура и туризам на Македонија и Амбасадата на Франција, на 12 јуни, во Францускиот институт во Скопје, отвора нови перспективи за соработка во аудиовизуелниот сектор, филмот, културните и креативните индустрии, професионалната обука, уметничката мобилност и размена.
Свеченото отворање е со филмот „Кралство“ на Жилиен Колонаи. На програмата се филмовите: „Фотографка“ на Тјери де Перети, „Мохиканец“ на Фредерик Фаручи, со Алекси Мананти во главната улога, и „Грабнување“ на Ирис Калтенбек.


































