Македонскиот КИЦ во Белград и МТС Дворана заеднички ја организираат изложбата „Сага за творечките немири“ посветена на великанот на македонската ликовна уметност Петар Мазев. Десет дела од приватната колекција на господинот Игор Станковиќ се претставени пред белградската публика во рамките на пригодното одбележување 30 години македонско-српски дипломатски односи.

Петар Мазев (1927, Кавадарци-1993, Скопје) бил белградски студент на Академијата за ликовни уметности и еден од најпрепознатливите македонски ликовни уметници во втората половина на 20 век, со голем број изложби во белградските ликовни простори. Македонското министерство за култура и туризам, кое ја поддржува оваа изложба, на свеченото отворање беше претставено од државната секретарка Марија Станчевска Ѓоргова, која, заедно со директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров, и со директорот на МТС, Игор Станковиќ, ја отвори оваа исклучително значајна и вредна колекција на слики.
– Со изложбата на Петар Мазев, една од клучните фигури во развојот на современата македонска ликовна уметност во втората половина на 20 век, се продолжува интенцијата на МКИЦ во Белград за презентирање на клучните македонски уметници, кои ја граделе, иновативно осмислувале и профилирале нашата ликовна сцена, а чии дела се наоѓаат во белградските приватни збирки. Мазев ѝ е познат на белградската публика според редица изложби организирани во градот, но, сепак, секогаш останува нешто невидено, нешто што чекало притаено и трпеливо да биде откриено, а токму ваквиот систем на презентација, ваквиот концепт, овозможува да ги проследиме делата што или не сме ги знаеле или, пак, што биле видени во некоја пригода, па сме ги заборавиле – вели историчарката на уметноста Викторија Васева Димеска.

Десет дела на Мазев настанати во период од 1977 до 1992 година го отсликуваат богатството на различноста во неговиот ракопис, што дава еден комплексен исечок од неговиот раскошен творечки потенцијал. Внимателниот избор на делата на Мазев го иницира сублимираното богатство на разновидноста на ракописот, со што се следи и чита неговата визуелна реторика. Така, од понагласената фигурација во делото „Покрај Радика“ (1977) и поекстатичната „Каријатида“, на која ѝ е тесен просторот на платното, во 1987 година ја создава гротескната композиција „Без зборови“, каде што формата е поексплозивна од колоритот, додека во доблесната хармонична игра на формата и бојата, преплетот на распрснатите колористички сензации речиси ја скрива фигурата во композицијата „Човекот што стои“. Во делото „Презир“ (1988), портретот не го изразува неговиот особен интерес за овој мотив како таков, туку е предизвик со самото богатство на содржините на разновидните форми на лицето, облици, сенки… што го поттикнуваат неговиот еруптивен темперамент. Веќе во композициите „Без наслов“, „Портрет“ и „Жена со црвена насмевка“ настапува виртуозната игра на цртежот, која отвора енигматичен простор за откривање на облиците што постојано наведуваат и заведуваат. Последните две дела од оваа збирка се и меѓу последните дела од неговиот творечки и животен пат, настанати непосредно пред ненадејното згаснување на неговата палета: со „Оплакување“ (1992), трогателно мирна композиција, се вивна и крикот, последниот поздрав „За син ми“ (1992).
– Во последните години од животот Мазев им се предаде на најдлабоките треперења на духот, не ја напушти едноставно борбата што го доведе до сѐ понагласено деформирање на призорот на сликата како одраз на сопствениот очај и немоќ пред изгорениот пејзаж на човековата судбина и докрај им остана верен на колоритот, миризбата на родното поднебје и на македонската духовна и визуелна ликовна ризница – пишува во каталогот за изложбата познатата историчарка на уметност.
Изложбата ќе биде поставена до 12 јули. В.Д.