Јубилејно 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
- Театарот „Војдан Чернодрински“ за претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, се закити со пет награди, а претставата „Страв и надеж“ во режија на Татјана Мандиќ на МНТ е најдобрата претстава во целина на фестивалот. Ана Стојаноска, уметничката директорка на фестивалот, која го водеше фестивалот во изминатите четири години, се наврати на сработеното и на предизвикот да се води најголемиот и најзначаен театарски фестивал во Македонија
Со врачувањето на наградите и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ на Београдско драмско позориште, изминатиот викенд беше спуштена завесата на годинашниот 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Публиката го наполни гледалиштето на големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“, дојде да им оддаде почит на најдобрите според комисијата, но и да проследи една од претставите за кои особено се зборува во изминатите три месеци.

Комисијата во состав: Снежана Коневски-Руси, претседателка, Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ ги оценуваше претставите. Руси ги соопшти наградените, а уметничката директорка на фестивалот Ана Стојаноска им ги врачи.
Театарот „Војдан Чернодрински“ за претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, се закити со пет награди на годинашниот, 60. јубилеен МТФ „Војдан Чернодрински“.
– „Црнила“ ја започнавме по неколку месеци од затворањето на театарот и тоа е една од малите вежби дека е важно и во тешки времиња да не заборавиме дека луѓето се најважни во театарот. Се надевам дека наскоро ќе можеме да работиме во нова зграда на Прилепскиот театар – рече Дејан Пројковски при примањето на наградата за најдобра режија.
Наградата за машка улога „Кирил Ристоски“ му беше врачена на Димитар Ѓорѓиевски за улогата на Фезлив, наградата за млада актерка ѝ беше доделува на Сара Спиркоска за улогата на Неда, наградата за сценографија ја доби Валентин Светозарев, а Марија Папучевска за костимите. Димитар Ѓорѓиевски им се заблагодари на своето семејство, на неговиот втор дом Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и на своите колеги.
– Постои посебна врска меѓу мене и публиката. Имаме магична публика, ова е сон од кој не сакам да се разбудам, ова е бесценето – рече Ѓорѓиевски.
Актерката Сара Спиркоска, која ја доби наградата за ликот на Неда, не го криеше своето задоволство.
– Под импресии сум, и превозбудена и благодарна на сите режисери со кои соработував, а на фестивалот бев присутна во три претстави. Особено сум среќна, особено како невработен актер да бидам на сцената. Благодарност до Прилепскиот театар што ширум ми ги отвори вратите. Пресреќна сум што „Црнила“ доби награди, а беше голем предизвик да се игра улогата на Неда и сите други, кои беа различни, што беше едно богатство за актер да биде во толку различни процеси – рече Спиркоска по соопштувањето на наградите.

Михајло Миленкоски, раководител на театарот „Војдан Чернодрински“, честитајќи го јубилејот на фестивалот, истакна дека кога се работи со љубов, се постигнуваат успеси.
– Пет награди – пет е успех. Немаме театарска зграда, си направивме простор и тој ни донесе успех. Имаме убава претстава. Зградата не прави театар, прават луѓето. Сѐ додека има луѓе што работат со љубев, кои се околу театарот, ќе има сцена. Театарот има падови и воскреснува – рече Михајлоски.
Претставата „Страв и надеж“ во режија на Татјана Мандиќ на МНТ е најдобрата претстава во целина на фестивалот. Според жирито, таа била комплетна претстава и во неа виделе компактност на сите сегменти. Од име на Македонскиот народен театар, наградата ја прими актерот Александар Микиќ.
Наградата за главна женска улога ѝ беше доделена на Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца во претставата „Амадеус“, во изведба на НУ Турски театар-Скопје. Наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ ја доби Александар Степанулески за улогата на Симон во претставата „Мачкина глава“, во изведба на НУ Драмски театар-Скопје. Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ му беше доделена на Јеткин Сезеир за улогата на Амадеус во претставата „Амадеус“, во изведба на НУ Турски театар-Скопје. Наградата за женска епизодна улога ѝ беше доделена на Билјана Драгичевиќ Пројковска за улогата на Марија во претставата „Мачкина глава“, во изведба на НУ Драмски театар-Скопје. Наградата за музика „Филип Стевановски“ ја доби Ирена Поповиќ Драговиќ за музиката во претставата „Страв и надеж“, во изведба на НУ МНТ Скопје.
Жирито не додели неколку награди, и тоа за рекламен материјал, за кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и адаптација, за современ драмски текст. Фестивалот му ја додели и наградата за најдобар волонтер на Стефан Петрески, кој четири години посветено го помага фестивалот.
Публиката ја поздрави Ана Стојаноска, уметничка директорка на фестивалот, која го водеше фестивалот во изминатите четири години. Таа се наврати на сработеното и на предизвикот да се води најголемиот и најзначаен театарски фестивал во Македонија.
– Решив таа моја програма да ја наречам „Враќање дома“, ја поврзав со моето фактичко враќање дома, со Чернодрински и со драмата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски. Решив да ја креирам мојата слика за театарски фестивал, која ќе биде современа и храбра и која ќе оствари комуникација со сите гледачи, независно на која возрасна или која било група ѝ припаѓаат. И еве, четири години до денес, фестивалот стана мојата препознатлива слика, местото каде што во јуни живеат театарот и театарските уметници и публиката. Дека еден човек не може да направи фестивал, се покажа и со мене. Затоа јас го имам најдобриот тим. Но, истовремено овој фестивал немаше да биде тоа што е и без моите најсакани волонтери, без вас, драги мои, ова ќе беше само обична манифестација. Поминавме многу патеки, се соочивме со многу предизвици, ги ширевме границите на сопствената комоција. Попатно многу недоразбирања, конфликти, забелешки, критизерства и критики и сè во насока да направиме нешто подобро. Тој што работи и греши, но најважно е да научи од грешките. Наједноставно е да стоиш отстрана, да коментираш заткулисно и да не правиш ништо. Меѓутоа, моето мото и мојот карактер не го дозволуваат тоа. Денес, во времето на општото сеедно, човек треба да е многу, многу храбар за да ја оствари својата визија, па и да плати поголема цена – рече Стојаноска.
Таа ѝ се заблагодари на публиката „за довербата, за барањето место повеќе, за аплаузите што ја говореа вистината“.
– Поминав многу тежок период кога го создавав ова издание на фестивалот, ја изгубив мајка ми, жената што ме соочуваше со тоа што правам и дали треба тоа да се прави така, што ме поддржуваше во сè што правев и на која ѝ ветив дека еве, по ова издание, навистина ќе ѝ се посветам на мојата уметност, затоа што и таа и мојот татко веруваа во мене од мали нозе – дека јас сум родена да бидам раскажувачка на приказни. За крај, како што го почнав отворањето на мојата прва мандатна година со цитат на еден од моите најсакани луѓе на овој свет, големиот театарски режисер Игор Вук Торбица, така ќе го затворам и моето организирање на овој фестивал: „Јас сум во мир со моите избори, така што мирно спијам со волкот во мене“ – заврши Стојаноска и рече дека било задоволство што се овозможило осум дена да има интензивен театарски живот, при што се видел македонскиот театарски живот.


































