Пожар што утрово избувна во близина на Казнено-поправната установа Велес – Превалец повторно се активирал поради засилениот ветер и се проширил во правец на селото Војница во Општина Чашка, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите, пожарот избувнал околу 09.50 часот на отворен простор во непосредна близина на установата. Иако првично бил ставен под контрола за кратко време, околу 13.00 часот огнената линија повторно се разгорела и почнала да се шири.
На терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица Велес со 10 пожарникари и три противпожарни возила. Во гаснењето се вклучени и доброволците од Доброволното противпожарно друштво Бабуна, вработени од ЈКП „Тополка“ од Чашка, како и екипи од Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес.
Според ЦУК, опожарена е површина обрасната со сува трева и нискостеблеста деградирана шума.
Поради ширењето на пожарот, од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека од 14.30 часот регионалниот пат Р-1312 Велес – село Извор е целосно затворен за сообраќај.
Возилата се пренасочуваат преку селото Горно Оризари, а надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките на службите и да избегнуваат движење во загрозеното подрачје.


































